Ковачевски ќе побара Рама да го заштити македонското малцинство
Двајцата премиери ќе се сретнат во Белград во рамки на големиот самит на иницијативата Отворен Балкан, а на маргините Ковачевски и Рама ќе разговараат и за притисоците на кои се пожалија Македонците во Албанија пред претстојниот попис кој требаше да почне на 1 октомври, но албанските власти го одложија за идната година
Премиерот Димитар Ковачевски задутре ќе разговара со неговиот албански колега Еди Рама за проблемот со македонското малцинство во Албанија, кое деновиве се пожали дека има обиди за нивна асимилација, притисок да станат бугарско малцинство. Двајцата премиери ќе се сретнат во Белград во рамки на големиот собир на иницијативата Отворен Балкан, а на маргините на самитот ќе разговараат и за притисоците на кои се пожалија Македонците во Албанија пред попис кој требаше да почне на 1 октомври, но албанските власти го одложија за идната година поради недостиг на технички помагала за попишувачите.
Препорачано
Ковачевски на Македонците во Албанија им порача дека не треба да подлегнуваат на притисоци и рече дека очекува од Албанија да го направи пописот според највисоките стандарди на Европската Унија и на Евростат. Нив ги охрабри и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој викендов беше во посета на обласите Пустец и Голо Брдо.
Османи: Ќе ве штитиме и понатаму
Ковачевски нема сомнеж дека Македонците во Албанија на пописот ќе можат слободно да ја изразат својата етничка припадност.
– Ние како држава сме секогаш присутни меѓу нив. Врз основа на пописот, секој од нив ќе може слободно да се изрази во Албанија како Македонец, нормално. Секој притисок, доколку таков постои, не треба да подлегнуваат на него, а Албанија знам дека ќе го направи пописот врз основа на сите највисоки стандарди. Сигурно дека ќе спречи кави било притисоци во поглед на какво било влијание врз кој било граѓанин, без разлика на неговата етничка припадност – порача Ковачевски.
Тој потсети дека Македонците во Албанија имаат своја партија, пратеник во парламентот и градоначалник.
Министерот Османи на средбата со Македонците од Пустец, со градоначалникот Пали Колески, како и со претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјоски размениле мислења за сите прашањата што се предизвик за локалната власт и населението во поширокиот регион, при што Османи им гарантирал дека ќе бидат заштитени како малцинство.
– МНР останува во комуникација со македонското национално малцинство во Албанија за прашања кои ги засегаат Македонците овде и активно е ангажирано за заштита и промовирање на нивната етничката, културна и јазична посебност – рече Османи по работната посета на Требиште и Пустец и средбите со истакнати активисти и претставници на тамошните Македонци.
МНР соопшти дека ова е втора по ред посета на Османи на Македонците во Албанија во изминатите неколку месеци и е во рамките на континуираната соработка меѓу Министерството и македонските здруженија од оваа соседна земја.
„Во фокус на разговорите беше и поддршката што тие ја добиваат од институциите на Македонија, при то министерот како конкретна форма на таа помош ги издвои проектите финансирани од МНР и владините стипендии за студирање во земјава“, соопшти МНР.
МНР лани финансираше неколку проекти на македонски здруженија од Албанија, а Владата и МОН доделија дваесетина стипендии за студирање во нашата држава.
На средбата со претставниците на Требиште се разговарало за можностите за промена на работното време на граничниот премин „Требиште-Џепиште“, како исклучително важно за прашање за македонското население во регионот Голо Брдо.
На средбата со пратеникот Васил Стерјоски и со други претставници на нивните здруженија Османи разговарал и за подобрувањето на условите за живеење и биле разгледани повеќе проекти за комуналното уредување на општината, а била истакната и потребата од натамошно зголемување на можностите за студирање на Македонците од Албанија на високообразовните институции во Македонија, што се спроведува повеќе децении.
– Остануваме во комуникација со Македонците во Албанија и албанските институции за прашања кои се од интерес на нивната етничка, културна и јазична посебност. Остварив средба со директорот на училиштето, во кое учениците посетуваат настава на македонски јазик – информира Османи.
Тој најави дека ќе подготви информација до Владата и акциски план како Македонија и нејзините институции можат преку конкретни проекти да им помогнат на Македонците во Албанија.
Македонците се бугаризираат за пари
Со денови Македонците во Албанија алармираа дека се под притисок и уцени од Софија да се запишат на претстојниот попис како Бугари и дека им се нудат бугарски пасоши. Пратеникот Стерјовски повеќепати изјави дека Бугарија со закана за вето извршила притисок врз Тирана да признае непостоечко бугарско малцинство, кое е, всушност, македонско.
И претседателот на здружението „Илинден“ од Тирана Никола Ѓурѓај вели дека во Албанија никогаш немало Бугари.
– Станува збор за побугарени Македоци и тоа за пари и за други интереси. Тие кои се декларираат како Бугари во Голо Брдо и Гора знаат дека се Македонци, но тоа се лица кои поради материјални интереси сега шират антимакедонска пропаганда. Сето оваа е поврзано и со состојбите помеѓу Македонија и Бугарија и притисоците на Софија за бугаризирање на Македонците – вели Ѓурѓај, кој е политички аналитичар и главен уредник на весникот „Илинден“.
Според него, пропагандата од Софија особено е зајакната откако македонските здруженија во Албанија и партијата МАЕИ побараа од владата на Еди Рама да го прифати барањето Голо Брдо и Гора да се формираат како две нови општини во Албанија со македонско мнозинско население.


