Ковачевски и Донев се договориле достоинствено да се чествува на гробот на Делчев, а ако има испади – да се казнат

Прес-службата на Владата откри детали од денешниот телефонски разговор на прeмиерот Димитар Ковачевски со техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев, во чиј фокус, како што претходно соопшти и бугарската влада, биле актуелните теми во односите меѓу двете држави.
Ковачевски во разговорот нагласил дека, согласно уставното уредување, Република Северна Македонија гарантира остварување на правата на секој граѓанин кој живее во државата.
„Во контекст на случувањата и претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, беше потенцирано дека активностите на поединци, без разлика дали се граѓани на Република Бугарија или на Република Северна Македонија кои ќе бидат во насока на оневозможување на мирно и безбедно чествување на празникот, ќе бидат соодветно санкционирани, како што се очекува да постапи и бугарската страна“, се вели во владиното соопштение.
„Со цел претстојното чествување на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а со цел тоа да помине во мирна и пријателска атмосфера, задолжени се Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, во координација со соодветните служби во Република Бугарија, да ги обезбедат сите услови за достоинствено чествување на овој голем ден“, додаваат од Владата.