Корупцијата расте и во најразвиените демократии
САД, Велика Британија, Канада и Шведска, кои некогаш беа сметани за лидери во борбата против корупцијата, веќе една деценија бележат пад на индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл.
Дури и етаблираните светски демократии сè повеќе тонат во корупција. Тоа го покажува Индексот на перцепција на корупцијата (ЦПИ) за 2025, кој денеска (10.02) го објави организацијата Транспаренси интернешнл.
Препорачано
Индексот се објавува веќе 31 година, а рангира повеќе од 180 земји и територии според перципираното ниво на корупција во јавниот сектор. Најновиот извештај покажува пад и кај земји како што се Соединетите Американски Држави, Канада, Велика Британија и Шведска.
Индексот за 2025 година покажува дека драматично се намалил бројот на земји кои имаат повеќе од 80 поени – ниво кое укажува дека јавната управа во таа земја е чиста. Пред десет години такви земји имало 12, а годинава само пет.
Данска повторно најмалку корумпирана земја во светот
Данска веќе осма година по ред го бележи највисокиот резултат (89 поени), а веднаш зад неа се Финска (88) и Сингапур (84).
Транспаренси го осудува недостатокот на „смело лидерство“ на глобално ниво, што, како што наведува, ги слабее напорите во борбата против корупцијата.
„Неколку влади веќе не сметаат дека борбата против корупцијата е приоритет“, вели за ДВ Франсоа Валеријан, претседател на Транспаренси интернешнл. „Владите можеби имале впечаток дека… направиле сè во соочувањето со корупцијата и дека морале да се посветат на други приоритети“, додава тој.
Зошто САД паѓаат на глобалната листа на корупција?
Индексот ЦПИ, кој ја рангира секоја земја од 0 поени (многу корумпирана) до 100 (многу чиста), покажува дека Соединетите Американски Држави паднале на најнискиот резултат досега – 64 поени, што е пад од дури десет поени во однос на 2016 година.
Транспаренси оценува дека политичката клима во САД се влошува веќе повеќе од една деценија и наведува дека најновите податоци не се само одраз на случувањата по враќањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа минатата година.
Имено, иако рејтингот на САД остана стабилен во поголемиот дел од мандатот на администрацијата на Бајден, претходните извештаи наведуваа дека за големиот пад лани се одговорни пред сè етички скандали со висок профил во Врховниот суд на САД.
„Не можеме, значи, за сè да го обвинуваме Трамп, затоа што имаше загрижувачки реформи кои започнаа пред него“, укажува Валеријан за ДВ.
Извештајот сепак го наведува следново: „користење на јавна функција за таргетирање и ограничување на независните гласови“, … „нормализација на конфликтна и трансакциска политика“, „политизација на обвинителското одлучување“… и „постапки што ја поткопуваат независноста на судството“. Транспаренси оценува дека сето тоа „испраќа опасен сигнал дека коруптивните практики се прифатливи“.
Од почетокот на својот втор мандат, Трамп презеде мерки кои, според Транспаренси, предизвикуваат загриженост: гаснење на јавни радиодифузери како Гласот на Америка или користење владини агенции како оружје против политичките противници, вклучително и администрацијата на Бајден, но и други високи американски функционери.
Транспаренси исто така го обвинува Трамп за поткопување на независноста на судството и за слабеење на спроведувањето на Законот за коруптивни практики во странство (ФЦПА). Тој закон првично е донесен за да се спречи американски граѓани или компании да поткупуваат странски државни службеници за да добијат договори.
Во интервју за ДВ, Валеријан ја критикува Трампoвата ревизија на ФЦПА преку извршна уредба, за законот да стане инструмент за националната безбедност. Тој исто така ја истакнува поддршката на републиканскиот претседател на криптовалути како Биткоин – кои често се користат за перење пари – и програмата за забрзана имиграција за богати странци, која критичарите ја нарекуваат Трампова златна карта.
„Врз основа на нашето искуство, таквите (визни) шеми привлекуваат корумпирани луѓе, а може да привлечат и криминалци“, укажува Валеријан.
Европа стагнира: Британија, Франција и Шведска со значителен пад
Во последната деценија најголем пад е забележан во Велика Британија. Оваа земја сега има 70 поени (минус 11). Според Транспаренси, тоа е поврзано со континуираните неуспеси во спроведувањето на етичките стандарди за министрите, пратениците и другите функционери на британската влада.
Исто така, се наведуваат и скандалите со набавки поврзани со Ковид-19, каде што лица блиски до власта успеале да обезбедат профитабилни договори за испорака на лична заштитна опрема, со премал надзор.
Други западни земји кои забележале голем пад во рангирањето во последните десет години се Нов Зеланд (пад од девет поени, сега има 81), Шведска (минус 8, сега има 80), Канада (минус 7, сега 75). Падот на Германија во последната деценија е помал – четири поени и таа сега има 77. Инаку, Германија годинава во однос на минатата година се подобрила за два поена.
Индексот исто така забележува пад од четири поени за Франција, која сега има 66 поени. Како причина се наведуваат слабото спроведување на антикорупциските закони и растечкиот ризик од мешање на службени и приватни интереси.
Во извештајот истовремено се поздравува пресудата за поранешниот француски претседател Никола Саркози за примање незаконски средства, вклучувајќи ги и оние од покојниот либиски лидер Моамер ел Гадафи, кои биле користени за поддршка на Саркози во претседателската изборна кампања.
„Многу европски земји беа лидери во борбата против корупцијата“, вели Валеријан, посочувајќи дека Директивата на ЕУ за борба против корупцијата е разводнета и дека тоа нема да ѝ овозможи на Унијата да „ги засили напорите против корупцијата“.
Каде уште слабее борбата против корупцијата?
Во извештајот се наведува дека 50 земји забележале значителен пад на листата од 2012 година – особено Турција, Унгарија и Никарагва, поради назадување на демократијата, слаби институции и владеење на правото, сива економија и рентиерство.
Корупцијата сè повеќе му отвора врата на организираниот криминал да навлезе во политиката во Латинска Америка, предупредува Транспаренси интернешнл, посочувајќи дека и Костарика и Уругвај – земји кои долго се сметаа за најдобро рангирани демократии во тој регион – сега се соочуваат со ист вид корупциски притисоци какви што се видливи во Колумбија, Мексико или Бразил.
Во извештајот се наведува дека падот е „остар, траен и тешко се превртува, бидејќи корупцијата станува системска и длабоко вкоренета во политичките и административните структури“.
Валеријан за ДВ дополнително објаснува: „Колку што е нечија моќ поконцентрирана, толку е поголема злоупотребата на таа моќ. А колку е моќта потајна, толку полесно се злоупотребува.“
Новиот Индекс на перцепција на корупцијата не ги зема предвид најновите досиеја на Џефри Епстин објавени минатиот месец, во кои функционери од неколку земји се поврзуваат со наводни недела, корупција или компромитирачки врски со тој осуден педофил.
Транспаренси исто така изразува жалење поради политичкото мешање во работата на невладините организации, особено во оние кои ги критикуваат владите. Во извештајот се говори за пораст на репресивни мерки и намалување на финансирањето на невладините организации во Грузија, Индонезија и Перу.
Во извештајот се предупредува дека во одредени земји на независните новинари, граѓански организации и т.н. „свиркачи“ им станува сè потешко да зборуваат против корупцијата.
Истовремено, украинските напори во борбата против корупцијата добиваат пофалби, дури и во време кога таа земја продолжува да се бори против руската агресија. Сепак, неодамнешните скандали во одбранбениот сектор на земјата покажуваат дека корупцијата и понатаму претставува проблем во Украина.
Каква е ситуацијата во најниско рангираните земји?
Транспаренси интернешнл исто така наведува дека авторитарните режими, како оние во Венецуела и Азербејџан, најчесто бележат најлоши резултати, бидејќи таму „корупцијата е системска и се манифестира на сите нивоа“.
Во најновиот Индекс, повеќе од две третини од земјите паднале под 50 поени, што, според извештајот, укажува на „сериозни проблеми со корупцијата во најголемиот дел од планетата“.
Во извештајот се наведува и дека земјите кои имаат помалку од 25 поени најчесто се погодени од конфликти или се работи за силно репресивни режими. Тоа се, на пример, Либија, Јемен и Еритреја (имаат по 13 поени), како и Сомалија и Јужен Судан (со по 9 поени).
Како позитивен тренд, извештајот го истакнува бројот на земји кои се искачиле од дното кон средината на листата. Меѓу нив се Албанија, Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Лаос, Сенегал, Украина и Узбекистан.
Исто така се забележани долгорочни напредоци и кај земји што веќе имаат висок број поени – како Естонија, Јужна Кореја, Бутан и Сејшели.
Северна Македонија во 2025 година е на 84 место на листата, со 40 поени.
Извор: DW/ Автор: Ник Мартин


