Копродукцискиот театарски проект „Бакхи: Агава“ премиерно ќе биде изведен во МНТ

Во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар, на 27 декември, во 20 часот, премиерно ќе се одигра претставата „Бакхи: Агава“, според Еврипид и Тамара Барачков, а во режија на Нина Николиќ.

Агава е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите машки ликови. По чедоморството, Агава прозборува само во последниот чин. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира и да ги вербализира.

Според авторот Барачков, токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се дефинира коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Се поставува и прашањето: која е оваа жена денес?

Во претставата се користат и стиховите од песната „Мама е глагол од глаголот работи“ на Момчило Одаловиќ.

Во претставата играат Симона Спировска како Агава; Александар Михајловски – Пентеј, а актерите Григор Јовановски – Дионис, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу и Дарја Ризова се со снимени гласови.

Сценограф е Ангел Петровски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на звук е Александар Арсиќ и дизајнери на светло Даниела Атанасова и Горјан Темелкоски.

Претставата е во режија на Нина Николиќ, која на сцената на МНТ ги постави и претставите „Народен непријател“ (2022), „Нема да биде крај на светот“ (2021), „Отело“ (2019), „Галеб“ (2018) и „Разговори во четири очи“ (2015).

Претставата е копродукциски проект помеѓу: „Перипетија продукција“ – Скопје, РСМ НУ Македонски народен театар и Градски театар од Јанина, Р Грција, известија од МНТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот