Конфискуваниот имот на Мијалков наскоро на лицитација

Освен јавно наддавање на конфискуван имот во случаите „Империја“, „Труст“ и „Бачило“, во Извештајот за стоте дена работа на Агенцијата за управување со одземен имот директорот Небиу објави дека 45 возила се отстапени на државни институции, меѓу кои и на новинската агенција МИА

Наскоро ќе има јавно електронско наддавање за конфискувниот имот на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кое што ќе биде согласно законот и по согласност од Владата, најави директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу во извештајот за стоте дена од работата на Агенцијата.

Во извештајот во кој наведува дека Агенцијата работела на услуга на институциите и граѓаните, Небиу вели дека веднаш ги презел потребните дејства во врска со актуелни случаи на конфискација и дека има поддршка од министерот за правда за нивно што поскоро, не само обелоденување, туку и извршување. Притоа ги наведува случајот „Империја“ за имотот на Сашо Мијалков, случајот „Труст“ или познат како Трансмет, како и стариот случај „Бачило“ во кој бше осуден овчарот Иснифарис Џемаили.

Во случајот „Империја“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Мијалков се спогоди со обвинителството и доби три години затвор и конфискација на имот во вредност од 30 милиони евра и 6,1 милион за уделот во хотел Мериот, како и исплата за куќата во која живее.

На Мијалков му се конфискувани вкупно над 30 илјади квадратни метри недвижен имот, од кои, 2.200 квадрати во станови и апартмани, над 1.300 квадрати во деловен простор, над 20 илјади квадрати земјиште, односно станови, деловни и помошни простории, гаражи, земјиште во Скопје, Охрид, Гевгелија и во Кавадарци.

Во случајот „Империја“ вина призна и бизнисменот Јордан Камчев и беше осуден на една година затвор, а во државниот буџет врати над 5,2 милиони евра.

Во последната акција за ослободување од запленет имот, како што информираше Небиу, Агенцијата им додели возила на користење на 45 државни институции, а на бројни институции и установи им додели неодамна запленета храна, облека, како и разни предмети и средства кои со године стоеле во царинските складови.

– Во рамки на моделот за социјалната реупотреба, односно донација за општествени цели, во периодот од 3 месеци спроведено е бесплатно отстапување на вкупно 45 автомобили, и тоа на следните институции: Министерство за правда, Министерство за здравство, Министерство за информатичко општество и администрација, Затвор Идризово, Општина Гостивар, Управа за финансиска полиција, Министерство за внатрешни работи, Национални шуми-Скопје, Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, АД Пошта на С.Македонија, Општина Крушево и многу други институции“, вели Небиу во извештајот и во објава на Фејсбук напиша дека возило марка БМВ добила и новинската агенција МИА.

По последната акција во која беше запленета голема количина на зеленчук и овошје, Агенцијата информира дека запленетата храна веднаш ја донирала наИП „11 Октомври“ – Скопје, на Државно рехабилитациско училиште за деца и млади лица со пречки во видот „Димитар Влахов“ Скопје, на Универзитетска клиника за физиотерапија и медицинска рехабилитација на ИСХП – Скопје, на Здружение за слепи лица – Куманово, на ЈЗУ Специјална болница за гинекологија „Мајка Тереза“, на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ – Скопје, на Завод за белодробни заболувања кај деца Козле, на ИП Институт за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и на КПУ Идризово.

Училишта, здравствени установи, домови и други институции добиле предмети и средства кои со години стоеле во царинските складови па така биле опфатени

Небиу, исто така информираше дека во рок од еден месец ќе следува и друга донација која ќе биде дистрибуирана во општините Струга, Гостивар, Долнени, Шуто Оризари и Чашка и вели дека тука нема да застане, туку дека Агенцијата ќе донира секаде каде што е тоа потребно.

Инаку, Агенцијата за управување со одземен имот има магацини во Идризово, Тетово, Миладиновци и Гевгелија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот