Конференција на МНР: Жените мора да го достигнат својот целосен потенцијал и да бидат вклучени во сите области на општеството

Скопје есен плоштад фонтана
Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Неопходно е жените да го достигнат својот целосен потенцијал и да бидат вклучени во сите области на општеството, преку обезбедување на нивната експертиза за перспективата на жените во јавниот живот и јавниот дискурс. Во изминатите години, голем напредок е направен во областа на зајакнувањето на жените, но неопходен е уште поголем прогрес да се постигне во оваа област.

Ова беше посочено на отворањето на дводневната конференција „Жените во надворешната политика” што се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Министерството за надворешни работи, на иницијатива на заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, а под покровителство на првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, во обраќањето на конференцијата рече дека денес вниманието го фокусираме на едно многу важно прашање – важноста на зајакнувањето на улогата на жените во надворешната политика и подигнување на свесноста за родовата еднаквост низ сите сфери во општеството.

– Секој член во општеството има важна улога кога станува збор за промовирање на родовата еднаквост и создавање еднакви можности за жените и мажите. Постигнувањето родова еднаквост е наша морална и неодложна обврска, бидејќи тоа ги претставува не само основните човекови права, туку исто е цврста основа за помирни, попросперитетни и кохезивни општества, рече Османи.

Османи посочи дека во изминатите години, голем напредок е направен во областа на зајакнувањето на жените, но неопходен е уште поголем прогрес да се постигне во оваа област.

– Жените треба постојано да ја подигаат свестста за нивните права и еднакви можности, а ние мажите треба да бидеме гласни поддржувачи на нивните напори. Треба да се обединиме меѓусебе како партнери и со заеднички напори да ги надмнуваме родовите нееднаквости и да создаваме еднакви општества за сите нас, рече Османи.

Тој додаде дека Министерството за надворешни работи е многу активно за зајакнување на улогата на жените вои надворешната политика.

– Сакам да нагласам дека жена ја држи позицијата заменик министер за надворешни работи, Фатмире Исаки. Натаму, околу 45 отсто од сите вработени во Министерството, вклучително и дипоматско-конзуларната мрежа, се жени и речиси половина од мојот Кабинет го сочинуваат жени. Дванаесет жени амбасадори гордо ги бранат националните интереси на Северна Македонија во следните земји: Грција, Ватикан, Австралија, Велика Британија, Словенија, Франција, Косово, Шведска, Холандија, како и во постојаната Мисија на ЕУ во Брисел, во ОН во Женева и во Советот на Европа во Стразбур, истакна Османи.

Османи своето обраќање го заврши со цитатот од поранешната британска премиерка Маргарет Тачер „Ако сакаш нешто да биде кажано, прашај маж; ако сакаш нешто да биде завршено, прашај жена”.

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, во своето обраќање истакна дека само преку јакнење на заедничките активности, ќе може да се менуваат состојбите поврзани со родовата еднаквост, стартегиски, темелно, побрзо и пообемно.

– Северна Македонија има повеќе јасно изразени политички декларации за еднакви можности. Нашиот Устав ја гарантира родовата еднаквост. Имаме законски решенија со кои се заштитуваат правата на жените и еднаквите можности, а сме потписници и на Истанбулската конвенција, за спречување на насилството врз жените и семејното насилство, истакна таа.

Ѓоргиевска посочи дека и покрај напредокот во законските регулативи, искуството ни покажува дека како и во многу земји и кај нас е потребно поинтензивно да се работи на нивната примена, за да навистина се почувствуваат промените поврзани со родовата еднаквост. Таа додаде дека пандемијата со Ковид-19 уште повеќе го нагласи родовиот јаз.

– Дипломатијата е една од областите во која традиционално жените не биле мнозинство на раководните позиции. Ова не е случај само кај нас, меѓутоа ако се погледне искуството во рамки на поновата политичка историја, дури и поразвиените демократии од нас, имаат кратка традиција на жени амбасадорки, жени на високи раководни позиции, медијаторки во справување со конфликти, преговарачки со меѓународни спорови, и потписнички на меѓународни договори. Иако имаме позитивни квоти во политката, искуството ни покажува дека ретко имаме жени кои носат одлуки и креираат политики, рече Ѓоргиевска.

Заменичката на министерот за надворешни работи, Фатмире Исаки во своето обраќање истакна дека како земја-членка на НАТО и дел од стратегијата на Европската Унија, Северна Македонија е посветена на унапредување на родовата политика. Исаки посочи дека националната стратегија за родова еднаквост претставува основен стратешки документ во земјата.

– Стратегијата претставува сеопфатна рамковна работа за понатамошни активности во промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на жените. Стратегијата се спроведува во период од шест години, од 2021 до 2026 година. Со нејзино усвојување, земјата настојува да ја промовира фазата на родова еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки, посветеност и интеграција на родовата перспектива во националната политика, додава таа.

Според Исаки, потребно е жените да го достигнат својот целосен потенцијал и да бидат вклучени во сите области на општеството, преку обезбедување на нивната експертиза за перспективата на жените во јавниот живот и јавниот дискурс.

– Жените од институцијата што јас ја преставувам, се поддржани од нашите колеги мажи, со што ја зајакнуваме позицијата во институцијата и надвор од нејзе. Мојата порака за денеска е да не се делиме и заедно со мажите да владееме со светот, порача заменик министерката.

Во фокусот на конференцијата ќе биде унапредувањето на позицијата на жените како во надворешната политика, така и во сите други процеси на донесување одлуки во државава, а од настанот се ичекува да произлезе и завршна декларација. На конференцијата ќе бидат разменети мислења меѓу високо рангирани политичари и дипломати од регионот и жени-амбасадорки, учесници од други европски и вон-европски земји, учесници од меѓународни и регионални организации како ОН, ЕУ, НАТО, Советот на Европа, ОБСЕ, Советот за Регионална Соработка, почесни конзули, реномирани фигури од академијата, бизнисот, медиумите, цивилното општество и младинските организации.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот