Концерт на Антоние ќе се одржи на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Локалитетот Врбјанска Чука, кој се наоѓа блиску до селото Славеј во Пелагонија, претставува тумба формирана како неолитска населба пред 8.000 години, а која потоа во антиката и средниот век е користена како стопански центар и некропола. Во неа се откриени остатоци од масивни неолитски градби и структури, како и мноштво антички јами и средновековни погребувања.

Завршувањето на археолошките истражувања на локалитетот ќе биде одбележано со концерт на Антоние, еден од ретките македонски соло вибрафонисти. Пред концертот ќе бидат презентирани наодите од локалитетот.

Концертот ќе биде ретка прилика да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што ќе се спојат древниот предисториски амбиент и звучните илустрации. На тој начин Врбјанска Чука и музиката на Антоние ќе добијат поинаква димензија и заемно ќе се надополнуваат во нова аудиоамбиентална целина.

Концертот на Врбјанска Чука е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Џез фестивал – Прилеп и Завод и музеј – Прилеп. При реализацијата на настанот ќе бидат преземени сите неопходни мерки и протоколи за собири на отворено место, ќе се одржува неопходната дистанца и ќе се носат заштитни маски, а влезот е слободен.

Концертот на Антоние на Врбјанска Чука ќе биде изведен на самиот локалитет (28.08.2020 во 18.30 часот), кој се наоѓа околу 1 км јужно од селото Славеј во Пелагонија. До него може да се дојде со автомобил или велосипед по патот од Прилеп кон Крушево и потоа да се скршне лево кај селото Славеј кон Боротино. Од ова место до Врбјанска Чука има околу 10 минути, а самата локација ќе биде означена за да може посетителите лесно да ја најдат.

Насловна фотографија: Раул Сотерас

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 46, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-30 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот