Концертот „Вида“ на Филхармонија ќе донесе барокна музика со виолинистот Владимир Костов

Оркестарот на Филхармонија, на 10 ноември, со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Вида“ на кој како солист ќе настапи виолинистот Владимир Костов. Гостин на концертот е чембалистката Цветанка Созовска. На програмата се дела од Корели, Вивалди, Порпора и Рихтер.

Владимир Костов (1975) е роден во Битола, каде што го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришипенко и др.

Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќепати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар му се нуди неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Националниот Арт Центар Отања, Линколн центарот, Харвард Универзитетот, Берлинската филхармонија, Келнската филхармонија, Концертхаус Берлин, Концертхаус Виена, во Шанија, Полска, Кина.

Настапува и со оркестарот „Исток-Запад“ во Алтенбург (Германија), а во периодот од 2000 до 2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.

Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио ,„ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“.

Владимир Костов постојано посетува и мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите квартет „Медичи“ (Шведска), квартет „Артемис“ (Германија) и квартет „Миро“ (САД). Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска.

Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“. Моментно работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Арканџело Корели (1653-1713) е италијански композитор и виолинист кој живеел и создавал во периодот на музичкиот барок. Неговиот опус е многу важен за развојот на модерните жанрови и форми, посебно во дефинирањето на сонатната форма и концертот, но и детерминирањето на техничките перформанси на виолината како инструмент.

Антонио Вивалди (1678-1741) е еден од водечките италјански композитори во ерата на барокот. Тој е современик на творештвото на двајцата германски магови на барокот – Ј.С.Бах и Хендл. Пишувал црковна музика и создал повеќе од четириесет опери, но, најмногу е познат по музиката напишана за гудачки оркестар, во која спаѓаат и антологиските „Четири годишни времиња“, сет од концерти за соло виолина и оркестар.

Никола Порпора (1686-1768) е италијански композитор и професор по пеење, кој живеел и работел во периодот на музичкиот барок. Меѓу неговите најпознати студенти по пеење се кастратите Фаринели и Кафарели, како и композиторот Јозеф Хајдн.

„Вивалди – Четири годишни времиња – рекомпонирани“ од современиот британски композитор Макс Рихтер (1966) е дело во кое се ресоздава и реинтерпретира најпознатото дело на познатиот италијански композитор. Иако Рихтер изјавил дека зачувал 75 отсто од оригиналниот материјал на Вивалди, во останатиот дел од ова антологиско дело тој ги вметнал своите творечки специфики кои се инспирираат од постмодернизмот и минимализмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот