Концертна промоција на нов албум од експерименталната џез-сцена ќе се одржи во „Џези“

Плакат за концертната промоција во „Џези“

Слободна и структурирана импровизација во духот на новиот албум на Филип Букршлиев, Константин Хаџи Коцев и Нинослав Спировски со наслов „Трансмаргинал Беверли Хилс – во живо во Џези“ (Transmarginal Beverly Hills –Live at JaZzy) ќе се одржи на 27 март, во 21 часот, во „JaZzy Music Venue“ (поранешен ЗЗ Топ).

Во снимањето на албумот учествуваа Филип Букршлиев – електрична гитара, Константин Хаџи Коцев – пијано и Нинослав Спировски – кларинет и сопрано саксофон. Овие тројца млади, но веќе докажани музичари на македонската експериментална, авангардна, алхемијска и некомодифицирана џез-сцена, концертно ќе го промовираат албумот издаден пред само неколку денови за новото музичко издаваштво на „Аксиома“.

Албумот беше снимен во клубот „Џези“ на 27 мај 2023 година. Иако досега сите тројца, ама само во пар свиреле заедно на други албуми, ова е првпат сите тројца да се соберат на заеднички албум. Имено, Спировски и Хаџи Коцев се појавуваат на двата исклучително успешни албуми на „Svetlost Odron Ritual Orchestra“; Букршлиев и Хаџи Коцев соработуваа на последниот албум на Филип Букршлиев трио, издаден за реномираната „Skopje Jazz Festival Records“; а Спировски и Букршлиев свиреа заедно на последните три албуми на пост-рок/џез бендот „Fighting Windmills“.

– На овој албум, Букршлиев, Хаџи Коцев и Спировски се зафатиле со исклучително тежок потфат: да спојат три инструменти кои досега многу ретко биле врзувани во трио формат. Меѓутоа, резултатот од тој спој звучи како тие да свиреле заедно долги години, а не на една спонтана музичка соработка/дружба, што и било случај таа вечер – посочуваат од „Аксиома“.

Фотографијата за насловната корица на албумот е на Ѓорче Ставрески

Организацијата на концертот е на Зафир Шуманов, снимањето и миксот на албумот се на Михаил Стојанов, а дополнителен микс и мастер на албумот направил Филип Букршлиев. Фотографијата, обработката и дизајнот на корицата е на Ѓорче Ставрески. Извршен продуцент и автор на текстот за албумот е Вангел Ноневски од „Аксиома“.

Концертната промоција на албумот во „Џези“ е посветена на Мирко Попов, музичар и продуцент кој целиот свој живот го посвети на живеење музика и на градење респектабилна локална музичка сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот