Сцена од претставата „Анна“ / Фотографија: Драган Гајиќ

Кон претставата „Анна“: Страстната потрага по вистинската љубов создава илузија на слободата

Праизведбата на драмскиот текст „Анна“ од Драгана Лукан Николоски се одржа на 3 декември на малата сцена на Театар Комедија со истоимената претстава во режија на Нина Николиќ. Станува збор за праизведба на текст којшто е дел од проектот „Трилогија за љубовта“ на авторката Драгана Лукан Николоски во кој се содржани уште и драмите „Марта Верина“ и „104“.

Драмата е инспирирана од „Ана Каренина“, но не претставува нејзина драмска адаптација, туку на интригантен и модерен начин Лукан Николоски ги открива животот, желбите и страстите на современата жена. Ана има сè – углед, стабилност, совршено семејство. Но зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот.

Кога се среќава со Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Тоа е свет во кој доминираат мажите, но одлуката на крајот, сепак, ја носат жените. Современата Анна избира да има избор и да ја плати цената на својата одлука. Се спротивставува на бракот во кафез, но бунтот ја носи во ново ропство.

Сцена од претставата „Анна“ / Фотографија: Драган Гајиќ

Режисерката Нина Николиќ претходно го постави и текстот „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски. Таа одлично го познава ракописот на Лукан и внимателно ги прочитала нијансите на текстот „Анна“, суштината и пораката. Праизведбата на „Анна“ се случи во камерната сала на Театар Комедија. Во камерни услови, со минималистичка сценографија, неопходна костимографија и со поставување на дел од актерите меѓу публиката, Николиќ успева да создаде амбиент на блискост и соочување. Публиката добива чувство како да е дел од самото драмско дејство.

Главниот лик Анна на почетокот е прагматична и рационална сопруга, но кога ќе се појави предизвикот на страста, таа ја открива својата чувствителност и емотивност. Иако асоцијациите водат кон историската Ана Каренина, на сцената гледаме современа и еманципирана Анна, која не сака да остане само сопруга на висок државен службеник, туку сака да ги врати страста и љубовта во својот живот.

Главната улога во претставата ја игра Маја Љутков, која со спектар на емоции и нијанси на чувства умешно го доловува ликот на современата Анна. Во расчекор помеѓу рационалноста и страста нејзиниот лик ја доживува судбината на Ана Каренина. Нејзини партнери на сцената се актерите Благој Веселинов и Саша Ханџиќ, а ликовите што ги играат не случајно имаат исто име – Алексеј. Во премиерната изведба на претставата играше и актерката Маја Зеќо, чија епизодна улога поттикнува некои од постапките на главната „хероина“.

Сцена од претставата „Анна“ / Фотографија: Драган Гајиќ

Минималистичката сценографија во претставата е на Илина Ангеловска, костимите ги креираше Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката ја компонираше Оливер Јосифовски.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и од Гете институтот, а се реализира како копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и Театар Комедија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот