Комшија им го затемнил животот на тетовци, им изградил куќа залепена до прозорците
Покрај бруталната узурпација, комшијата продолжува да им се заканува на Живка Велјановска и на другиот сосед поради тоа што се бунат
Живка Велјановска од Тетово и соседот со кого ја дели куќата веќе немаат дневна светлина во собите, откако друг сосед изградил нова куќа практично залепена до нивната, па сега кога ќе го отворат прозорецот, гледаат цигли, јавува „Телма“.
Препорачано
Институциите носеле контрадикторни решенија за новоизградениот објект. Првин општина Тетово дала одобрение за градба, но тоа било поништено од Министерството за транспорт и врски. Потоа соседот побарал ново, второ одобрение, кое го прифатиле и општината и второстепена комисија во Министерството, легализирајќи ја бруталната узурпација на соседот. Тој, според Велјановска, продолжува им да им се заканува нејзе и на другиот сосед, со кого делат по еден кат од куќата.
Велјановска го има обжалено второто одобрение пред Управен суд и пред Виш управен суд, но веќе шест месеци нема одлука.
„Освен што се соочуваме со неправда, има и постојани проблеми и закани од соседот. Инспекција сме повикале и полиција и сите надлежни институции, нема кај не сме биле никој ништо не ни помага, никој. Се вртиме во лавиринт. Ни изгради објект позади, ни затвори прозори, ја исече стреата, куќата ни ја разниша, олуците ги оштети, чатија треба да се направи. Не нè пушта да исчистиме горе оџак, паѓаат ќерамиди“, вели таа.
„Телма“ побарала, но не добила образложение од Општина Тетово и од Министерството за транспорт и врски за тоа како е можно за истиот предмет еднаш да не се дозволува градба, а со второто барање на соседот да му се одобри градењето.
Институциите велат дека документацијата била целосно во ред. Погледнете ја приказната во прилогот на „Телма“:


