Комитетот за надворешни работи на ЕП го одложи гласањето по Извештајот за напредокот на Северна Македонија

Европскиот парламент / Фото: МИА

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го одложи гласањето по Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, изработен по извештајот на Европската комисија.

Извештајот за Северна Македонија беше петта точка на денешната седница на АФЕТ.

-Точката број 5 требаше да биде гласање за Извештајот за Северна Македонија. Тоа е одложено, па нема потреба да расправаме за тоа сега, рече на седницата претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

Во Извештајот за напредокот за земјава на известувачот на ЕП за земјава, на бугарскиот европратеник Ќучук, изработен по извештајот на ЕК, се поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија за интеграција во Унијата, а истовремено се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи.

На документот, во кој 2030 година се споменува како датум кога земјата би требало да ги исполни условите за членство во ЕУ, се поднесени 320 амандмани од кои 50-тина се од бугарски европратеници, кои треба да бидат разгледани од членовите Комитетот за надворешни работи.

Со своите амандмани, бугарските европратеници се обидуваат во Извештајот да вметнат свои ставови и критики за земјава со оценки за постоење на „говор на омраза“ кон Бугарија и Бугарите, како и за „дискриминација, вознемирување, закани и насилства“ врз припадниците на бугарското малцинство. Меѓу останатите, со овие амандмани се прави обид да се исфрли делот од извештајот во кој се бара преговарачкиот процес да не се злоупотребува за решавање на билатерални спорови, а наместо тоа да се вметне спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија како услов за прием на земјава во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот