Комбиниран модел на настава и нов начин на средношколско организирање се главните приоритети на новиот лидер на Сојузот

Лука Павиќевиќ - нов претседател на средношколскиот Сојуз

Лука Павиќевиќ, новиот лидер на Средношколскиот сојуз веќе подготвува нови промени кај средношколците, а пред се ќе се фокусира на начинот на кој ќе се изведува наставата од септември.

– На крајот на оваа учебна година официјално ќе ја преземам функцијата претседател на Сојузот на средношколци. Мојата програма наведува седум проблеми, од кои два се приоритети и кои наметнуваат голем број прашања од интерес на средношколците – вели Павиќевиќ за „Слободен печат“.

Тој посочува дека ќе продолжи онаму каде што застанал Ходаи, а за следната учебна година вели оти најпрво мора да се стави акцент на начинот на кој ќе се изведува наставата.

– Првото прашање на кое ќе се фокусираме јас, мојот тим, но и целиот Сојуз е моделот на настава во средното образование за следната учебна година. Нашиот став е дека образовните власти мора што поскоро да воведат комбинирана настава. Овој модел ги намалува штетните последици по социјализацијата и менталното здравје на средношколците, а истовремено го штити и нивното физичко здравје. Не смееме да дозволиме уште една генерација да го започне своето средно образование во толку неквалитетни услови, коишто ги посведочивме во изминатиов период со наставата од далечина – додава Павиќевиќ.

Идниот лидер на средношколците вели оти комбинираниот модел на настава кој се планира е поразличен од оној на МОН, бидејќи смета дека тој треба да се имплементира во рамките на едно исто одделение.

Вистинската комбинирана настава не се случува меѓу одделенија, туку во рамките на едно одделение, односно се дели одделението на пола, со тоа што едната група одреден период следи настава физички, а другата онлајн и кога ќе заврши тој период се случува ротација. Сојузот ќе се залага од септември средношколците образовниот процес да го следат комбинирано, во зависност од пандемските услови. По една и пол (учебна) година со неквалитетна онлајн настава, организирањето и спроведувањето на комбинираната настава е суштинска потреба – објаснува Павиќевиќ.

Вториот проблем, на кој средношколецот смета оти треба да се стави акцент е специјален модел на средношколско организирање, а поентата е ученичките заедници да се дефинираат согласно законот во училиштата.

– Второто прашање на кое работиме е изработка на нов модел за средношколско организирање на сите нивоа во земјава. Од класно и училишно па до регионално и државно. Мораме да имаме легитимни и демократски ученички заедници кои можат да работат во интерес на средношколците, а за првпат ќе бидат признаени од законската регулатива – нагласи Павиќевиќ, истакнувајќи оти станува збор само за најава, а дополнително ќе се работи на реализација на ова прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот