КОЈА Е ВИСТИНСКАТА КОЛИНДА? Онаа која се фали со партизаните или онаа која ги брани усташите?

Претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ и натаму официјално ја нема објавено својата кандидатура за претседателските избори, иако веќе изјавила дека сака повторно да се кандидира, пренесува порталот Индекс.Хр.

Без разлика на тоа, Колинда веќе одамна води активна кампања за реизбор, всушност од првиот ден на својот претседателски мандат, анализира порталот. Таа во текот на мандатот се претставуваше како голем навивач на фудбалската и тениската репрезентација на Хрватска, тврдеше дека „ЗДС“ (За дом спремни) е „само“ древен хрватски поздрав, за потоа да изјави дека е и усташки поздрав, па потоа велеше дека треба да се избегнува, како и тоа дека никој не смее да го забрани.

На кратко, како што пренесува Индекс.хр, Колинда во текот на мандатот постојано давала изјави по мерка на профилот на публиката пред која се обраќа, таа дури и внимавала на работите кои ќе ги објави на помалку популарниот службен профил на Твитер во однос на оној на Фејсбук, каде ја следат повеќето нејзини гласачи.

Притоа, како што пренесува истиот извор, на Колинда никогаш не и сметало тоа што секогаш има една приказна за домашната, а друга за надворешната публика, тоа што ја сметаат за креатор на гафови, како и нејзината неупатеност по разни битни прашања.

За насилствата над граѓаните од српска националност кои во последно време се секојдневна појава во Хрватска таа не сакала да даде конкретна осуда, задржувајќи се на тоа дека насилството е генерално лоша појава, реакција која им годи на оние кои ја негираат антисрпската атмосфера во хрватското општество.

– Станува збор за инцидент кој и натаму е предмет на истрага. Полицијата ги презема сите потребни дејствија, излегуваа на терен, направена е истрага, приведени се лица, отворени се и пријави против тие лица, но истрагата и натаму трае. Секако дека сум во контакт со надлежните служби, Примам известувања, меѓутоа истрагата не е готова, така што не сакам да ги коментирам деталите од тие инциденти. Морам да кажам дека секогаш и секаде осудувам насилство. Го осудував и порано. Но, исто така сакам многу јасно да кажам дека не може секој инцидент што се случува помеѓу хрватски граѓани со различни националности да се класифицира како меѓуетнички инцидент, односно етнички мотивирано насилство. Нема да дозволам тоа да се прави во Хрватска, бидејќи е неодговорно кога политичарите ќе почнат да коментираат и да ги етикираат тие инциденти занемарувајќи ги реалните причини кои се утврдени со официјална истрага. Тоа е многу опасно бидејќи предизвикува нова спирала на насилство и нетолеранција – изјавил Колинда за ХТВ.

Во неделата во Варшава се одржа комеморација по повод одбележување на 80-годишницата од почетокот на втората светска војна, каде присуствуваше и хрватската претседателка. По тој повод таа изјавила:

„Тука сме за да ја искажеме својата почит за сите жртви на војната, како во Полска, која прва ја започна борбата против нацизмот, така и во сите останати држави кои застанаа во одбрана на слободата и мирот во Европа и светот. Хрватскиот народ, сразмерно на својата големина има највеќе допринесено за антифашистичката борба во Европа, во која активно учествувале повеќе од половина милион граѓани на Хрватска„ изјавила Колинда, која својот претседателски мандат го започна со отстранување на бистата на лидерот на Хрватските антифашисти – Јосип Броз Тито.

Целата анализа прочитајте ја ТУКА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот