Кој ќе го наследи Сасоли? Четири имиња во игра

Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Четворица кандидати остануваат за следен претседател на Европскиот парламент, изјави потпретседателот на ЕП, Педро Силва Переира. Изборот е закажан за утре наутро.

Европратениците ќе избираат меѓу Роберта Мецола (ЕПП, Малта), Алис Кунке (Зелени, Шведска), Косма Злотовски (ЕКР, Полска) и Сира Рего (Левите, Шпанија). Кандидатите може да бидат номинирани или повлечени пред секој круг на гласање.

Првиот круг гласање треба да почне утре претпладне откако кандидатите ќе ги изложат своите ставови за работата на ЕП до 2024 година.

Резултатот од гласањето ќе биде објавен утре напладне. Доколку не се утврди победник, на следното гласање може да учествуваат истите или други кандидати. Доколку во третиот круг никој не биде избран, двајцата кандидати со најмногу гласови во тој круг преминуваат на четвртото и последно гласање. Тогаш ќе победи кандидатот со најмногу гласови, според правилата.

По воведниот говор на новоизбраниот претседател, ќе се изврши избор на останатите членови на раководството на ЕП – потпретседатели. Ќе се утврдуваат и раководствата на собраниските комисии.

Европскиот парламент во Стразбур вечерва оддаде почит на својот претседател Давид Сасоли, кој почина пред една недела, неколку дена пред крајот на неговиот мандат на чело на институцијата.

Утре по комеморација за Сасоли во ЕП ќе се бира ново раководство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот