ВИДЕО: Кои се и чии се црните качулки – меѓу 11-те приведени и двајца малолетници

Оливер Спасовски, Димитар Апасиев, Драган Ковачки / Фото: СП. архива, ЕПА / Колаж: СП.
Оливер Спасовски, Димитар Апасиев, Драган Ковачки / Фото: СП. архива, ЕПА / Колаж: СП.

МВР води истрага против организаторите на протестите кои иако најавени како мирни и достоинствени синоќа ескалираа и кулминираше насилство врз полициските припадници и вандализам врз зградата на законодавниот дом, владата и МНР. Снимките покажуваат дека полициските припадници кои го обезбедуваат собранието беа континуирано напаѓани од луѓе маскирани со качулки и маички, а такви фрлаа јајца, бекатон плочки и други предмети врз Собранието.

Само 11 лица од толпата синоќа завршија во полициска станица, а 47 полицајци во болница, од кои двајца со тешки повреди се згрижени на Клиниката за неврохирургија.

-Двајца од 11-те приведени се малолетни. Секој оној кој удрил на полициец или институција ќе биде најстрого санкциониран, дециден е министерот Спасовски кој пред новинарите не сакаше да открие повеќе сознанија за организаторите на насилничкото и вандалско однесување кои наликува на упадот во собранието од 27 април 2017 година.

-Имаме повеќе информации. Цела структура се занимава со овој дел. Формиран е цел штаб кој ја истражува групата. Вие најдобро знаете кои се тие што ги организираат протесите и што повикуваат на насилство. Не е тајна. Знаеме кои се организатори на протестите тоа е дел од истрагата и тука се работи и тие детали ќе бидат соопштени дополнително, нагласи министерот Спасовски.

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје,
јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Со директно обвинување до него излезе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки:

-Насилството пред Собранието е дело на полициските инсталации на СДСМ и Оливер Спасовски. Ова не е дело на народот, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, туку на полициските инсталации на власта кои со предизвикување на инциденти и ескалација, сакаат на брзина да им помине предавството. Ова впрочем, вчера и го најави Ковачевски кој јавно го соопшти вчерашното сценарио за насилство. Пионот Ковачевски треба да и одговори на македонската јавност дали позади уфрлените лица за насилство стојат Спасовски и Зечевиќ. Очигледно е дека не ги бива за работа, но затоа за местенки и саботажи се експерти, рече Ковачки.

Тој постави и неколку прашања до премиерот и СДСМ поврзувајќи го дејството на насилничката група со неодамнешниот грабеж на полицискиот магацин касарната во Охрид од каде, според Обвинителството  тогаш биле украдени солзавци, шок бомби и други предмети кои биле предвидени за расходување.

-Од каде им се на лицата со фантомки шок-бомби што беа фрлани накај Собранието? Чиј магацин пред месец дена во среде касарна во Охрид беше опљачкан и беа украдени шок бомби? Кој правеше вежби на 7 мај со уфрлени инфилтратори за протести? Од каде знаеја Спасовски и Ковачевски дека најавените протести ќе бидат насилни и кои беа лицата кои ја дочекаа колоната народ од пред МНР што се движеше кон Собранието? Врз основа на кој член од Закон или Правилник, полицијата удира клоци на рбет на легнат човек на земја? Врз основа на кој член од Закон или Правилник, полицијата апси малолетно лице, го носи со лисици на раце, го става во полициско комбе и го носи во станица? Откако веќе инфилтраторите си ја завршија работата и се повлекоа, кој одобри употреба за несразмерна сила од страна на полицијата врз голораките момчиња?, прашуваше Ковачки и побара одговорност од Спасовски и од службениците кои ги пречекорија своите овластувања во текот на синоќешниот протест.

Од СДСМ на овие обвинувања од пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки испратија реакција:

-Токму Ковачки е дезертер од Армијата кој избра да им служи на деструциите на Христијан Мицкоски. Наместо да шири лажни вести Ковачки да одговори дали токму тој е координатор на поранешни припадници на единицата Волци кои синоќа ги предводеа насилствата, во обид да предизвикаат реприза на 27 април? СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрозат државата, соопштија од СДСМ.

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје,
јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Спасовски пак ги пофали полициските службеници и им се заблагодари за храброста и херојството во одбраната на редот, мирот и безбедноста на граѓаните.

-Триесетина луѓе маскирани со качулки на главата го предизвикуваат целиот овој неред и напад на институциите и напад на полициските службеници, секако дека професионалниот однос на македонската полиција се огледа во тоа што исклучиво се изврши интервенција врз оние што напаѓаа и ги повредија полициските службеници, нема повреден ниту еден граѓанин во протестите и приведени се само оние што направија физички напад и направија материјална штета, нагласи Спасовски.

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје,
јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од СДСМ утрово во соопштение го осудија насилството на протестот кој според владејачката партија е „организиран од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот партнер проруската партија Левица“.

-Јавноста синоќа сведочеше како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насилно да влезат во Собранието. Слични сцени се случуваа и на крвавиот четврток на 27 април 2017 и сите знаат што тоа значи. По синоќешните немири мора да следува одговорност од сторителите, но и од организаторите и поттикнувачите на насилството, соопштија од СДСМ.

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје,
јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Прозваната Левица преку соопштение на синоќешното насилство на протестите го обвини Спасовски и владата на СДСМ и ДУИ.

-Вечерва, владата на СДС и ДУИ во целост прикажа како се манипулира и демонстрира насилство врз обичен народ. Министерот Спасовски очигледно го оствари своето сценарио дека ќе се случат радикални сцени – само за да апсат невини граѓани. Негрижејќи се ниту за граѓаните, ниту за полицијата, Спасовски ги изложи сите во опасност – само за да ги прикажи илјадниците граѓани кои достоинствено протестираат како насилници. Левица претходно предупреди дека власта ќе уфрли провокатори со фантомки, со цел да се апсат граѓани и да се амортизира револтот кај народот, соопшти Левица.

Биланс од вчерашните нереди пред Собранието

Полицијата вчера поради немирите пред собранието приведе 11 лица. Против демонстрантите полицијата не употребила ниту пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата, нагласија од МВР додавајќи дека 47 полицајци се повредени на протестите, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди.

-Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, наведува Министерството.

Како резултат на тоа има оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието на Република Северна Македонија. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје,
јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста.

Насилството го осуди и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски како и претседателот на Собранието Талат Џафери кој утрово објави и видео на својот Фејсбук профил на кој се гледа причинетата штета врз Законодавниот дом.

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје,
јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нови протести против францускиот предлог под мотото „Ултиматум, не благодарам“ по рутата Влада, МНР Собрание се најавени и за вечерва во 19 часот. Францускиот предлог Владата го достави до Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот