Кога министерот Меџити би бил инспиративен лидер

Ида Протуѓер, Фото: Архива

Да гледаше министерот најголем ресурс во човечкиот потенцијал ќе се насочеше да му овозможи да се чувствува достоинствено на работа, не само на хирургот Јовев, туку на многу лекари и медицински персонал кои се чувствуваат понижени, фрустрирани, па таа ситуација често ја рефлектираат врз пациентите граѓаните, кои исто така се чувствуваат недостоинствено и не добиваат квалитетни услуги.

Прочитав дека министерот здравство Фатмир Меџити му понудил на хирургот Сашко Јовев, кого го разреши пред некој ден, да му биде советник. Главно не сакам да коментирам дневнополитички теми, но оваа е врзана за тема од тесен мој интерес – лидерство. Поточно, инспиративно лидерство – поим што никако не можам да го поврзам за името на актуелниот министер.

Кога министерот Меџити би бил лидер, поточно инспиративен лидер, како што нема надеж дека ќе биде, во луѓето што работат во здравството – лекари, сестри, медицински персонал, би го видел најголемиот ресурс што може секторот да го повлече кон развој.

За жал, најчесто имаме министри што најголем ресурс гледаат во службената кредитна картичка за да јадат на државен трошок во скапи ресторани, во службеното возило, во моќта на функцијата да вработуваат партиски кадри.

Да гледаше министерот најголем ресурс во човечкиот потенцијал ќе се насочеше да му овозможи да се чувствува достоинствено на работа, не само на хирургот Јовев (кого јавно го понижува со разрешување, па со нудење советничко место) туку на многу лекари и медицински персонал кои се чувствуваат понижени, фрустрирани, па таа ситуација често ја рефлектираат врз пациентите граѓаните, кои исто така се чувствуваат недостоинствено, понижено и не добиваат квалитетни услуги.

Така ние повторно сме сведоци на претстава во која граѓанскиот интерес и човечкото достоинство се на последно место во агендата на оние што имаат моќ да ги подобрат состојбите во земјата.

Кога не би било така, би имале министер што моќта главно би ја црпел од својата компетентност и вредности со кои изградил авторитет; кој има во главато одредена „голема слика“, на пример, каде би сакал здравството да стигне за пет или за десет години од сега; кој ќе бара импут од тимот околу сите информации поврзани со „големата слика“; кој има поставено цели што водат кон таа голема слика, за да ги комуницира тие цели со својот тим и јавноста; кој ќе обезбедува ресурси за постигнување на тие цели, при што луѓето кои работат во секторот и треба да пружат услуги за граѓаните се највреден ресурс; ќе менаџира процеси, наместо дневна агенда на настани каде што ќе се појави пред камери; кој ќе направи план кон тие цели што ќе го комуницира и за кој ќе лобира во владата; кој ќе размислува за решенија на проблемите, а не да комуницира проблеми како алиби за слабите резултати и да се жали на општа неспособност околу него.

Таков министер, кога би наследил врвен хирург на позицијата директор на кардиологија, веднаш во него би видел партнер. Зошто? Лекарот на чело на клиниката не значи по дефиниција дека ќе биде и добар менаџер, но лидер, односно инспиративен лидер, каков што Меџити не ветува дека ќе стане, ќе гледа вреден ресурс за промоција на квалитет во јавното здравство, наместо да гледа во позицијата директор како вреден предмет за трговија.

Со години има одлив на професионален кадар од јавното во приватното здравство и врвните стручњаци се бројат на прсти. Ако немало годишен финансиски извештај, тогаш тоа е секако проблем, но тука не можам да се ослободам од впечатокот, како и повеќето луѓе, дека извештајот е алиби за смена. Досега немам видено министер толку вознемирен за отсуство на годишен извештај. Дополнително, изјавата дека нема да дозволи некој да седи на директорска позиција и ништо да не работи не беше поддржано со факти и е произволна изјава во услови кога трудот на хирургот е прилично јавен.

За да се изврши комплицирана операција и тоа како се потребни менаџерски способности, што не мора да значи дека хирургот ги покажал како директор. Но, ако целта е развој на здравството и интересот на граѓаните, потегот со разрешување на јавна сцена без однапред објавени и искомуницирани принципи, е сосема спротивен од таа цел. Немам намера да застанувам во одбрана на лекарот, не го знам контекстот поблиску, но забележувам на тема лидерство отсуство на битна терминологија во речникот, а за практика, пак, можеме сè уште само да сонуваме. Како на пример: заедничка цел во интерес на граѓаните на државата; голема слика за тоа каде се оди и што се сака да се постигне. За да може да се постават цели кон таа слика, ден по ден, одлука по одлука, камче по камче да се гради функционалност на институциите; размислување насочено кон решенија и ресурси, наместо кон дефицити и проблеми; поставување мерливи цели; ефикасна комуникација на тие цели наместо закопување во ровови, во борба за партиска превласт и влијание; политики и одлуки базирани на бројки и резултати: улога на креатор наместо на жртва – каде што поединецот ќе сфати дека од неговата активност, ден по ден, одлука по одлука, камче по камче, зависи иднината на државата, наместо да бара алиби, виновници и да бега од одговорност; кредибилитет-авторитет што се црпи од ресурсите на личноста, а не од функцијата која е привремена.

П.С. Ако министерот дава отчет, многу покорисно е да каже каде го гледа здравството по десет години и што ќе направи во иднина за граѓаните да го почувствуваат ефектот од парите што ги даваат, преку буџетот, за неговата плата и за здравствениот сектор.

(Авторката е советник за личен развој и лидерство)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот