Кофите со опасниот „сибутрамин“ во Македонија влегле од Индија – требаше ли да се помешаат во чаеви за слабеење?!

Сибутрамин илустрација / Фото Колаж на СП

Неетаблирана фирма која досега во Македонија немала реализирано ниту еден увоз на производи, падна во рацете на Царинската управа. На скопскиот аеродром царинските службеници спречија влез на 1.700 килограми медикаменти од само два вида: вијагра и сибутрамин.

„Слободен печат“ дознава дека сопствениците на компанијата на која ова ѝ бил прв увоз, се државјани на Турција. Проценетата цена на „сибутраминот“ е 100 долари за килограм. Лековите не биле регистрирани во Агенцијата за храна и лекови (МАЛМЕД), затоа што тоа не би било можно – „сибутраминот“ е забранет во лековите во Европската Унија уште од 2010 година.

„Сибутрамин“ е супресант на глад кој до 2010 година беше препишуван за борба против дебелината, но откако се докажа дека е поврзан со кардиоваскуларни болести и срцеви удари е повлечен од пазарот пред 14 години во многу делови од светот, вклучително и Австралија, Канада, Кина, земјите од ЕУ, Хонг Конг, Индија, Мексико, Нов Зеланд, Филипините, Тајланд, Велика Британија и САД.

Сепак, и покрај тоа, супстанцата останува присутна на пазарот, а во конкретниот случај кога македонската Царина ги заплени кофите со „сибутрамин“ на скопскиот аеродром, увозот бил токму од Индија, држава што го има забрането овој медикамент. Во пратката од 1.700 килограми имало и „вијагра“, што во Македонија подлежи на контролирана продажба.

Фирмата увозник со газди од Турција, немала дозвола за промет на големо со медицински средства, односно не е впишана во регистарот на правни лица за вршење ваков вид дејност, известија од Царинската управа. 

 

Сибутраминот не е новост во Македонија, но количеството од 1.700 килограми отвора нови хоризонти за тоа колку голема може да биде злоупотребата на оваа материја како „суровина“. Во скопскиот кривичен суд македонска компанија беше ослободена од вина, откако ракометарот Горан Кузмановски ги тужеше затоа што излегол позитивен на допинг тест на супстанцата „сибутрамин“ поради што му била уништена кариерата, откако конзумирал таблети што ги купил во аптека и на кои стоело дека се природни. Апчињата потекнувале од Кина.

Меѓутоа, најновата заплена остави бројни неодговорени прашања, особено што од фотографиите објавени од страна на Царина, се гледа дека супстанцата влегла во државата не во форма на спакуван медикамент, туку во форма на прашкаста материја во кофи. Шпекулациите се дека е возможно ова да сигнализира дека прашкастата материја можело потоа да се меша со други производи за да се направат апчиња за слабеење, чаеви за слабеење, или пак други препарати од таа категорија.

Системот за брзо предупредување за храна на Европската Комисија има база на податоци каде во реално време се прикажани сите производи на територијата на ЕУ, кои што во себе содржат „сибутрамин“, детектиран како нелегална супстанца во производи рекламирани како „природни препарати, апчиња, или чаеви“. Сепак, нивното дејство во процесот на слабеење, не било ниту природно ниту поттикнато од природата, туку поттикнато од сибутраминот. Листата изобилува со препарати кои влегувале на европските гранични премини со потекло главно од Турција и од Кина, за да завршат во депоата под клуч бидејќи не смеат да се најдат во промет.

Агенцијата за храна и лекови на САД во 2018 година пронајде „сибутрамин“ во повеќе од 700 диететски суплементи кои лажно се рекламираат како „природни“, „традиционални“ или „билни“.

Европските држава прават посериозна контрола на суплементите за слабеење и за подобрување на здравјето отколку Македонија каде контролите на овие суплементи изостанува. На пример, Агенцијата за лекови на Данска, континуирано ги анализира производите за кои се сомнева дека содржат активни состојки кои не се наведени на пакувањето. Нивната „заплена“ на пазарот е огромна – а објавена е со фотографии од илегалните суплементи што содржат сибутрамин на нивната веб-страница за јавноста да биде квалитетно информирана.

Информираме за огромен број на нелегални производи за слабеење. Во сите нив се содржи активната медицинска супстанца сибутрамин, која не е наведена како состојка на самото пакување од суплементот. Овие производи честопати се продаваат на интернет, може да бидат опасни за користење и затоа предупредуваме да не ги користите. Сибутраминот претходно беше одобрен за третман на дебелината, но поради големиот број сериозни несакани ефекти одн его, сите одобрени лекови со сибутрамин беа повлечени од пазарот во 2010 година. Можно е да има и други состојки за слабеење во промет кои се опасни по здравјето и не се напишани во декларациите со состојки на пакувањата, алармира Агенцијата за лекови на Данска и ги охрабрува Данците да ги разгледаат фотографиите од нелегалните капсули за слабеење, чаеви, прашкасти материи итн. 

Случајот со кофите сибутрамин и пакувањата вијагра фатени на скопскиот Аеродром, е преземен од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, при што против правното лице ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот