Коцевски вели дека од Судот зависи колку ќе трае процесот за Кочани, смета дека 38 обвинети не се многу
„Очекуваме транспарентна постапка, динамиката на судење ја определува судот. Од наша страна се исполнети сите услови, ангажирав дополнително уште неколку обвинители за да не се одолговлекува постапката од ЈО“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски одговарајќи на прашање за неговите лични очекувања за судскиот процес за пожарот во „Пулс“ во Кочани кој почна денеска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во интервју во „Сител“, државниот јавен обвинител додаде дека не верува оти ќе биде долг периодот до првостепената одлука, затоа што има определени рокови.
Според него, погрешно било гледањето дека Обвинителството оставило простор за одолговлекување на постапката бидејќи, како што рече, се работи за 35 обвинети кои мора да бидат опфатени во истиот предмет. Размислувале дали овој предмет можел да се подели по институции, по периоди, дали ОЈО можело да направи друга евентуална распределба зашто во почетокот имаше 48 осомничени.
– Меѓутоа, се подигна обвинение само за 35 физички и три правни лица, што значи дека бројот на обвинети не е голем. Во спротивно, доколку би се раздвоила постапката, тогаш има законска можност едните обвинети да бидат сведоци во друга постапка. Се работи за исти докази кои би се повторувале во двете постапки и тоа би довело до поголемо одолговлекување на постапката. Затоа тимот на јавни обвинители одлучија да се води една постапка против сите обвинети и сметам тоа е најцелисходно решение, рече Коцевски.
Тој вели дека досега имале три средби со родителите на жртвите во „Пулс“, последната минатата недела, и оти тие се запознаени со сите аспекти на обвинението, им ги објасниле сите околности, текот на постапката и одговориле на сите спорни нивни прашања.
Коцевски соопшти дека е при крај истражната постапка за околу 30 полициски службеници и очекува во првата половина на декември да се донесе првата јавнообвинителска одлука. Во тој период очекува да биде завршена и предистражната постапка за лица вработени во Управата за јавни приходи.
Прашан за мислење за иницијативите на пратениците за анкетна комисија во Собранието за трагедијата во „Пулс“, Коцевски порача „политиката да ги тргне рацете од оваа постапка затоа што се води судска постапка“. Тој лично мисли дека тоа не би било целисходно и потребно во овој момент, а по судската постапка може да се формира таква комисија за да се бара политичка одговорност.
На прашање дали при формирањето на предметот со обвиненија во изминатиот период е вршен притисок врз ЈО, државниот обвинител одговори дека немало да има толку осомничени па потоа и обвинети опфатени со постапката ако имало притисоци.
-Од она што го знам од тимот на јавните обвинители, никој досега на никого нема вршено притисок, ниту на мене, ниту на нив. Морам да нагласам дека во двете постапки е постапувано по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи, тоа е дополнителен факт кој може да се меша во јавнообвинителните одлуки на ЈО. Јавното обвинителство, како и досега, нема да врши никаква селекција во однос на потенцијални нови обвинети. За тие што има докази ќе има подигнато обвинение, рече Коцевски.


