Книжевна награда „Пегаз“ за „Зелениот дворец“ од авторот Сибо

Ракописот со наслов „Зелениот дворец“ од авторот Сибо е победник на четвртото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2022 година.

На годинашниот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавиле и учествувале 38 ракописи.

За победникот одлучи жири во состав: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).

– Основната наративна нишка на романот „Зелениот дворец“ на Сибо ја сочинуваат три временски точки поврзани со градот Скопје: Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје. Книгата тргнува од познатата, речиси архетипска тема на книжевната фантастика: можноста поединецот да влезе од една временска димензија во друга. Авторот го користи овој мотив за да ја раскаже својата приказна за преклопувањето и вкрстувањето на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти… „Зелениот дворец“ е филозофски роман за емотивно-психолошките последици од претпоставената нелинеарност на времето, а истовремено е и љубовна и урбофилска приказна за различните историско-културолошки слоеви на градот – стои во образложението на жирито.

Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година биле разгледани и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон, кои се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на победничкиот роман во посебна едиција.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 160, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот