Книгата со најубави бајки со наслов „Си беше еднаш“ е книжевно наследство за следните генерации

Оливера Ќорвезироска и Наталија Лукомска

Книгата „Си беше еднаш“, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи внимателно селектирани бајки од Ханс Кристијан Андерсен, Браќата Грим и Шарл Перо, кои се спакувани во ново руво. Покрај добропознатите бајки, во неа можат да се најдат и неколку приказни што првпат се преведени и адаптирани на македонски јазик.

Оваа голема книга за малите читатели е со нова раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска. Преводот од англиски јазик и јазичната редакција се на Здравко Ќорвезироски. Раскошните илустрации ги нацрта Наталија Лукомска.

– „Си беше еднаш“ е книга преполна со чудесни бајки. Богатството од бајки се гледа во разновидноста на мотивите на кои тие се сосредоточени. Приказните од оваа збирка се лесно читливи. Нивниот јазик е спонтан, директен, разбирлив, со повремена употреба на фолклорен вокабулар, но со точно одмерена доза, за да биде разбирливо за децата. Сите нејасни архаични зборови се објаснети во речникот на крајот од книгата, што дава плус вредност на изданието – посочи професорката и книжевна теоретичарка Калина Малеска, во улога на промотор на книгата.

„Си беше еднаш“ е голема книга за малите читатели со нова раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска, соодветна и примерена на новото време и на новите генерации читатели. Книгата содржи 52 приказни, по една за секоја недела во годината.

– Изборот и адаптацијата на најпознатите бајки на светот се широка и сложена активност што му ја посакувам на кој било писател, зашто е еден вид волшебна книжевна етида. Од една страна, бајките мораат да бидат такви какви што ги знаеме сите, од друга страна треба да ги пренесеме во нашето време и во нашиот јазик, без да се загуби нивната универзалност и безвременост – објасни Ќорвезироска.

Промоција во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

За илустраторката Наталија Лукомска новото визуелно „раскажувањето“ на класичните приказни бил возбудлив предизвик.

– Кога од издавачката куќа „Арс ламина“ ми понудија да ги илустрирам најубавите бајки на сите времиња, иако бев среќна, сепак, морам да признам, почувствував трема. Се исплашив – како сега да создадам оригинални илустрации за тоа што веќе е многу добро познато. Факт е дека станува збор за приказни за кои заедницата веќе има некаква замисла и очекувања како треба да изгледаат. Во главата на многумина Снежана, Пепелашка, Заспаната убавица, Убавицата и Ѕверот… личат на цртаните филмови на „Дизни“.

Полесно е да се илустрираат не толку познати приказни и нови авторски дела, со нив креативната слобода е поголема. Затоа, најинтересно ми беше да ги „оживеам“ помалку познатите бајки од оваа книга… Илустрациите се многу важен сегмент од книгите за деца. Често, тие ја раскажуваат приказната, за децата кои сè уште не читаат. Ја поттикнуваат имагинацијата и се клучна алатка за толкување значења, за интерпретација и поттик за измислување, мечтаење и создавање нови приказни – истакна Лукомска на промоцијата на книгата.

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на годинашниот Саем на книга ја прогласи книгата „Си беше еднаш“ за најдобра целосно илустрирана книга за деца, „затоа што се издвојува во богатата издавачка продукција на книги за деца не само по својот обем и формат, туку и по суптилниот авторско-уредувачки пристап кон јазикот и раскошноста на илустрациите“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот