Книгата „Неправилен ритам“ на новинарот Љупчо Јолевски е документаристички раритет

Како дел од јубилејната програма „50 години МКЦ“ на 28 декември во кино „Фросина“ се одржа промоцијата на книгата „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ од новинарот Љупчо Јолевски.

Станува збор за негова втора книга, по „Радио“, со објавени прилози, интервјуа и рецензии, овој пат содржински исполнета само со текстови од областа на музичката уметност. Замислена неконвенционално, со повеќе музика отколку говор, на промоцијата настапија неколку музички групи и состави, а промотори на книгата беа Тина Иванова, Ана Стојаноска и Дејан Трајкоски.

„Навистина се ретки луѓето, барем од она што можеме да го видиме околу нас и овде, кои толку посветено ѝ приоѓаат на својата работа, како што тоа е случај со мојот почитуван колега Љупчо Јолевски“, заклучила Тина Иванова, која е новинар и музиколог по вокација, додека театрологот, професор и писателка Ана Стојаноска потенцира дека „оваа книга, иако делува како место за чување на историјата, е одлична база за чување на сето она што во денешен контекст значи современа музичка култура и како таква треба да ни биде дел од нашето секојдневно културно и уметничко доживување“.

Поранешниот новинар Дејан Трајкоски, пак, книгите на Љупчо Јолевски ги гледа како „текстуални винили. Документаристички раритет. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското копи-пејст новинарство. Навезени вистини за едни времиња, гледани од горе, од високо, а срочени лесно, чиниш, како со пердув“, посочува Трајкоски.

Книгата „Неправилен ритам“ содржи повеќе од дваесет години музичка историја на повеќе од 500 страници во издание на „Софија“ – Богданци. На промоцијата своите приказни музички поврзани со книгата на Љупчо Јолевски ги раскажаа Александра Поповска, Крсте Роџевски, „Суперхикс“, Дробицки/ Омерагиќ/ Кондовски трио, Дориан Јовановиќ – Јордан Костов дуо, Сашо Поповски/ Иван Бејков/ Ратко Даутовски трио и Дејан Спасовиќ со „Здух“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 161, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31 декември 2022 – 2 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот