Насловна корица на книгата „Калиграфи на филмското писмо“

Книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски ќе биде промовирана на „Флипбук филм фестивал“

Во Кинотека на Македонија, на 9 август (сабота), во рамки на програмата на шестото издание на „Флипбук филм фестивал“ (7-10 август), со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоцијата на новата книга на Влатко Галевски, со наслов „Калиграфи на филмското писмо“. Книгата во разговор со авторот ќе ја претстават Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков.

Филмофилското издание на Галевски понудува иновативен филмолошки концепт во толкувањето на делата на дванаесет мајстори на филмскиот занает, како: Вим Вендерс, Жак Тати, Рој Андерсон, Шантал Акерман, Ингмар Бергман, Ањес Варда, Андреј Тарковски, Бела Тар, Дејвид Линч, Акира Куросава, Ларс фон Трир и Аки Каурисмаки.

– Структурата на „Калиграфи“ е прилагодена на триетапниот приод на Галевски во разоткривањето на творечките лавиринти кај секој еден од одбраните режисери. Во првата етапа тоа е преку есеизираниот портрет на режисерот; во втората, насловена како „Референца“, совпаѓањето на неговата филмска постапка со мајсторството во определен занает; во третата етапа замислената случка (поткрепена со неколку вистински факти) се пишува во облик на сосем лична мини проза, фикција во која режисерот е лик. Така, се воспоставува едно фино струење во ракописот на Галевски, една движечка низа од изненадувања, што „Калиграфи“ го дарува со ритам што отвора различни димензии – објаснува рецензентот на изданието, писателот Александар Прокопиев.

Монографијата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски во издание на издавачката куќа „Флип Бук Букс“ од Скопје е поддржана од Министерството за култура и туризам на РС Mакедонија. Нејзини уредници се Жарко Иванов и Дарин Ангеловски, лектурата е на Татјана Б. Ефтимоска, а графичкото уредување на Симчо Шандуловски.

Влатко Галевски е филмски критичар и новинар од областа на културата. Студирал право и музика. Напишал повеќе од 1300 филмски рецензии за домашни и странски списанија. Бил основач и главен коуредник на списанието „Филм +“ и уредник на „Филмски печат“. Активно соработува со значајните македонски филмски фестивали. Редовно е акредитиран на фестивалите во Кан и Берлин.

Основач е и домаќин на Дебатниот филмски клуб „Лале“ и ментор е на Школата за филм во МКЦ. Автор е и водител на радиоемисијата „Слушајте филм“, со повеќе од 1200 емисии. Како уметнички соработник на македонската филхармонија е селектор на музиката за четири концерти со изведба на филмска музика. Автор е на книгите „Фацерија“ и „Исповедни финеси“, како и продуцент, кинематографер и коавтор на музика на долгометражниот игран филм „Маклабас“. Член е на македонската секција на ФИПРЕСЦИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот