Книгата „Емотивен талог“ на Ана Јовковска ќе има промоција во Куманово
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на 17 октомври (понеделник), со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на второто издание од последната книга на Ана Јовковска, „Емотивен талог“. Промотор на книгата ќе биде писателот Александар Прокопиев.
Препорачано
Приказните од женската кујна, како што се наречени во поднасловот, веќе се докажан рецепт за вкусна проза. Уште од своето објавување во април, „Емотивен талог“ ја освои пошироката публика. Оваа збирка од есеи допрва ќе ја добива својата вредност и е доказ дека македонската женска проза заслужува да биде ценета.
Ана Јовковска е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност, докторантка по Културолошки студии и тренер по комуникациски вештини.
Со сето богато искуство, таа добро го познава современиот живот. Затоа во својата книга успешно ја проткајува пораката за човечноста, а се чини дека луѓето тоа одлично го препознаваат. Книгата „Емотивен талог“ е издание на издавачкиот центар „Три“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 150, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 октомври 2022)


