Кларинетистот Здравко Ангелов и диригентот Алфонсо Скарано ќе настапат со Филхармонија на концертот „Почеток“

Солистот Здравко Ангелов и диригентот Алфонсо Скарано (Италија)

Првиот концерт на Македонската филхармонија во новата година ќе се одржи на 18 јануари, со почеток во 20 часот, во големата сала на НУ Филхармонија со симболичен наслов „Почеток“.

Солист на концертот е кларинетистот Здравко Ангелов, а ќе диригира гостинот од Италија, Алфонсо Скарано. На програмата се делата Симфониска поема „Ноќ на голото брдо“ од М. Мусоргски, Соната бр.1 за кларинет и симфониски оркестар, арр. Л. Берио (премиерна изведба) од Ј. Брамс и Свита „Слики од изложба“ од М. Мусоргски.

Здравко Ангелов е македонски кларинетист, роден 1978 година во Струмица. Своето музичко образование го започнува на 7-годишна возраст. Средното образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Стојан Димов, а дипломира 2000 год. во класата на проф. Иван Кочаров. Подоцна ги запишува и постдипломските студии и магистрира во 2012 год. во класата на проф. Стојан Димов.

Повеќе од 11 години е вработен како прв кларинетист на Македонската Филхармонија. Претходно во неговото работно искуство, исто така, се вбројува педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и двегодишното искуство како надворешен соработник на Македонската опера и балет.

Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија и награди, како: Прва награда во Скопје 1989 и истата година Трета награда во Хeрцег Нови, Прва награда со камерен состав – трио во 1992 година, а 2000-тата година ја освојува специјалната награда „Yamaha“.

Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали и концерти, како „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест-Битола“, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, „Номус“, „Бемус“, настапува во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Оман, Америка.

Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава музицирајќи. Настапува под палката на исклучителни диригенти, како Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Меер, Емил Табаков и многу други светски познати диригенти.

Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано веќе седма сезона е шеф-диригент на Тајландскиот филхармониски оркестар, откако работеше како гостин диригент шест сезони, од 2011 до 2012. Тринаесет години маестро Скарано го обликуваше звукот во Тајландскиот филхармониски оркестар, што кулминираше со првата европска турнеја во август/септември 2022 година, цедето за американската компанија „Албани рекордс“, со изведбата на Брукнеровата Деветта симфонија.

Пред ангажманот во Тајланд, работел како шеф-диригент во Филхармонијата во Теплице, Чешка (2013-2018), гостин диригент во „Виртуози ди Прага“ (2000 – 2010) и музички директор и диригент во Оперскиот фестивал во Тоскана, Италија (2006-2008). Алфонсо Скарано е победник на Натпреварот за диригирање во Тревисо, во 1993 година, на натпреварот „Франко Капуана“ во Рим, освоил втора награда на интернационалниот натпревар „Луиџи Манцинели“ и др.

Покрај неговата работна позиција во Банкок, Алфонсо Скарано редовно диригира со оркестарот на Симфонискиот оркестар на Ерусалим (Израел), „Оркестро симфоника“ во Бразил, со Рускиот симфониски оркестар во Москва, Државниот оркестар во Истанбул (Турција), Киевскиот симфониски оркестар на Националната радио и телевизија, Прашката филхармонија – со која ги водел турнеите во Германија и во Бугарија.

Соработувал со врвни инструменталисти, како Мипа Мајски, Марио Брунело, Кристоф Барати, Никита Борисо-Глебски, Стефано Болани, Ана Кравченко, Даниела Деси, Роландо Виласон и др. Алфонсо Скарано диригирал и оперски репертоар: „Травијата“, „Набуко“, „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Боеми“, „Лучија ди Ламермур“, „Дон Пасквале“, „Кавалерија Рустикана“, „Паљачи“, „Кармен“, „Севилскиот берберин“, „Џани Скики“ и др.

Поддржувач и промотор е и на современата музика, диригирал повеќе праизведби на дела од Наронг Прангкаорен, Герхард Кофман, Симон Лакс, Паоло Уголети, Роберто ди Марино, Фредерик Остерлинг, Колин Рајли и др. Покрај класичните балети („Лебедово езеро“, „Дон Кихот“ и „Рајмонда“), Алфонсо Скарано, исто така е фокусиран и на современ балет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот