„Ќе умрам како артист“: Вака зборуваше легендарниот Дади Ангеловски кој на 22 мај ќе наполнеше 80 години
Владимир Ангеловски – Дади е еден од најголемите и најомилените македонски актери, чиј препознатлив дух и хумор сè уште живеат во колективната меморија. Постојат уметници кои оставаат толку длабок печат во националната култура, поради што нивниот лик станува синоним за цела една уметничка ера. Во македонското глумиште, таква е приказната за Дади, братот на режисерот Коле Ангеловски.
Препорачано
Повод за навраќање на неговото богато творештво е неодамнешната емотивна објава на фејсбук-страницата „Ретро ризница – Македонски медиуми“, каде администраторите, со фотографии и сеќавања, го одбележаа неговиот роденден, 22 мај. Роден е во 1946, а да беше жив артистот, ќе го прославеше својот јубилеен, 80-ти роденден.
Помладите и постарите генерации подеднакво го паметат по неговиот специфичен лик, ведриот поглед и мустаќите кои станаа негов заштитен знак. Дади честопати знаеше да каже дека е глумец уште од раѓање.
В0 2011 година Дади Ангеловски замина официјално во пензија, но, како што и самиот рече во една пригода, тој административно-социјален статус не е причина да го смени неговото себечувство како артист.
„Сум се родил како артист и таков ќе умрам“, рече Дади во интервју за „Утрински весник“ во 2011 година.
Своите први чекори Владимир Ангеловски ги прави во Радио драмата, а веќе во 1962 година застанува на сцената на тогашниот Младинско-детски театар (денешен Драмски театар – Скопје) во улогата на Оливер Твист. Тоа го одреди неговиот пат, Драмскиот театар стана негов дом до крајот на животот.
Дади беше нетипичен актер, мајстор на импровизацијата, кој со еднаква леснотија играше сериозни театарски парчиња, култни детски драми и радио-естрада.
Неговите улоги во филмовите и сериите како „Викенд на мртовци“, „Трст виа Скопје“, „Солунски патрдии“ и „Македонски народни приказни“ се незаборавни. Тој го ираше Итар Пејо во култната истоимена серија.
Дади беше еден од столбовите на култната радио-емисија „Хихирику“. Секоја недела во 11 часот, заедно со своите колеги преку хумор и сатира го отсликуваше македонското секојдневие.
Но, неизбежно е да се споменат и проектите како „Чук, чук Стојанче“ и „Баш челик“, кои и денес се лектира за тоа како се прави квалитетна програма за најмладите.
Владимир Ангеловски – Дади почина на 15 ноември 2012 година во Скопје, оставајќи зад себе празнина која тешко може да се пополни, но и огромно културно наследство кое продолжува да инспирира.
Зад огромниот талент на Дади стои и силна семејна уметничка позадина. Тој е роден во Скопје, во познато семејство на свештеник (попот Борис) и учителка (Костадинка). Неговиот роден брат, Коле Ангеловски, е едно од најзвучните имиња во македонската кинематографија и театар како актер и режисер. Браќата Ангеловски уште од раната младост заедно ја градеа љубовта кон сцената, оставајќи траен белег во македонската култура.


