Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратенички прашања / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ќе се повлечете ли од Судскиот совет? – го праша Костадиновска-Стојчевска министерот Филков

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања упати прашање до министерот за правда Игор Филков, кое се однесува на реформите во судството.

„Задолжени сте за еден од најклучните столбови во нашето општество, а тоа е правдата. Реформите во судството се суштински за демократијата и владеењето на правото, но за жал, во изминатите седум месеци гледаме оддалечување од овие принципи. И покрај вашите изјави дека ќе ги инкорпорирате препораките на Европската комисија, вашите дела укажуваат на сосема спротивно, партиски назначувања и недоволна независност на судските институции“, рече пратеничката.

Според неа, препораките за намалување на политичкото и бизнис влијание, не се почитуваат, што дополнително ја намалува довербата на јавноста.

„Во овие седум месеци не гледаме никакви реформи во судскиот систем, иако ова е една клучна област во која треба да се дејствува. Партизацијата добива ендемски размери во институциите, но уште позагрижувачки, и во она што треба да е темел на едно демократско и праведно општеството – судскиот систем. Вашите изјави за законски измени до јуни 2025 делуваат како одложување, а не како итно и одлучно справување со проблемите. Наместо спроведување на најавените реформи, гледаме засилена партизација на судството, каде што клучните позиции, делуваат по политички, а не според професионални критериуми. Во Оценската мисија, почитуван министер, нема никакви препораки за вакви назначувања на судии и обвинители. Едно се зборува, а друго се прави“, рече таа.

Дали вие сте подготвени да ги направите вистинските чекори, кон промена или и понатаму ќе се продолжите со празни зборови и формални најави. Дали ќе ја искористите конкретната можност, од вас да започнат реформите и имплементацијата по препораките од Оценската мисија. Дали вие како министер за правда, кој по функција е член Судски совет, ќе се повлечете од член на истиот и кога планирате да поднесете иницијатива за уставните измени со кој министерот за правда повеќе нема да биде дел од Судскиот совет, беа прашањата од пратеничката до Филков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот