Ќе се почека вештачењето, па ќе почне судењето за несреќата во која загина момче, а е обвинет пратеник на Левица
Во Основниот Кривичен суд денеска почна, па се одложи судењето за сообраќајната несреќа во која лани на 14 септември по полноќ, животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а каде обвинет за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е пратеникот на Левица Сашко Јанчев.
Препорачано
Расправата не можеше да се одржи зашто вештачењето на пратеникот не е готово. Адвокатот на Јанчев, Драган Пешевски пред почнувањето на главната расправа побара одложување на рочиштето, зашто вештачењето во одбрана на пратеникот не е изготвено, како што рече Пешевски, не по вина на одбраната туку од објективни причини зашто увидот во предметот му бил дозволен подоцна одошто требало.
– Ова од причина што имаше промена на судечкиот судија, но и зашто лицето задолжено за увиди од страна на судот беше на боледување. За на никој ништо да не му е спорно, повторниот поднесок за увид е напишан на 6 февруари 2026 година, а увидот ни е одобрен многу подоцна. Во консултација со вештото лице, потребни ќе ни бидат 2 недели за вештачењето да биде подготвено. Ова вештачење ни е предуслов да ја почнеме постапката, рече Пешевски.

Обвинителката што го застапува обвинението, Лидија Ѓурчиновска Мичевска, се спротистави на барањето да се одложи расправата.
-Сите списи од предметот од страна на Јавното обвинителство ѝ беа доставени на одбраната во средината на декември 2025 година. Сите списи од обвинителскиот предмет се доставени до судот, така што барањето за увид во судскиот предмет сметам дека е беспредметно. Од друга страна на денешната расправа присутен е обвинетиот и законските застапници на оштетените деца, па сметам дека постојат услови за одржување на денешната расправа. А во однос на фазата од кривична постапка за произнесување на вината обвинетиот и ако започне денеска расправата може да се произнесе дали е виновен или не, рече обвинителката Ѓурчиновска Мичевска.
Адвокатот на оштетените, Љупчо Мицевски, рече дека смета дека предлогот е даден за да се одолговлекува постапката.
Пешевски пак, рече дека само во судскиот предмет имале оригинален записник и скица од увидот на лице мсто.
-И од МВР извадивме скица, но се беше дадено во лоша фотокопија свесно или несвесно, а единствениот оригинал се наоѓа во судскиот предмет и вештото лице мораше да го види, посочи тој.
Судот поради начелото на еднаквост на оружјата донесе решение главната расправа да не се одржи и ја одложи за 20 април.

Несреќата се случи во селото Марино. По несреќата, Матеј се бореше за својот живот 26 дена, по што им подлегна на повредите. Обвинителството поднесе обвинение против пратеникот на Левица Сашко Јанчев за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и го товари дека управувал автомобил „хјундаи тусон“, не се придржувал на прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето. Според обвинителството, тој непрописно свртел со возилото без да се увери дека тоа може да го направи без да ги загрози другите учесници во сообраќајот. Во тој момент во возилото удрил мотор „јијинг“ без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал 16-годишниот Матеј Димовски.
Матеј Димовски не поседувал возачка дозвола, а тој и неговата сопатничка не носеле заштитни кациги. Како резултат на повредите здобиени при несреќата, 16-годишникот починал, додека неговата 13-годишна сопатничка била потешко повредена.
Од партијата Левица по несреќата веднаш објавија дека пратеникот Јанчев не бил во алкохолизирана состојба бидејќи не пие алкохол, дека самиот пратеник и неговиот сопатник засебно имале повреди на грбот и потрес на мозокот. Јанчев пак, дента кога беше обвинет кажа дека власта почнала да го користи случајот за политичка пресметка со него.
-Уште рано наутро преку нивните пропагандни медиуми пуштија вести дека сум бил пијан, дрогиран и дека сум возел бесно. Ништо од ова не е точно. Пуштија вест дека сум возел бесен џип и ставаа слики од нови скапи возила. И ова не е точно. Моето возило е старо 20 години, стоеше во неговата реакција.
Во врска со несреќата тој изрази жалење.
-Најпрво, жал ми е за се што се случи таа вечер. Не поминува ден да не помислам на ова. Веднаш после настанот пружив помош и повикав помош. Направив се што можеше да се направи. Морам да забележам дека брза помош чекавме цели 50 минути. Морам да забележам и дека јас сум единствен легален учесник во сообраќајот во таа несреќа, напиша тој.
Од семејството на Матеј Димовски вчера до медиумите испратија допис во кој бараат судскиот процес да биде фер, транспарентен и праведен.
За семејството Димовски ова не е само судски процес – ова е борба за правда за нивниот син, за вистината да биде кажана и одговорноста да биде утврдена. Правдата за Матеј не може да го врати неговиот живот, но може да покаже дека ниту еден млад живот не смее да биде заборавен и дека одговорност мора да има, пишува во дописот.


