Ќе останат ли повторно 12.000 пензионери без никакво зголемување на пензиите?
Уставниот суд го потврди решението дека линеарното зголемување на пензиите се однесува само на корисниците што живеат во државата, што значи дека нема да го добијат тие што живеат во странство. Според законските измени за пензиите во март важи линеарното зголемување, со што мирува одредбата за вообичаеното законско усогласување, кое треба да ги штити пензиите од намалувањето на нивната вредност.
Измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се овозможи линеарно усогласување на пензиите и подоцна измените со кои тоа зголемување им се овозможува само на оние што живеат во државава, направија хаос што мора да се реши, но засега нема никаква реакција од институциите. Ако ова помине молчешкум, 12.000 наши пензионери што живеат во странство нема да добијат ниту линеарно, ниту пак редовно зголемување, кое како механизам за заштита на пензиите е предвидено со закон.
Препорачано
На 26 февруари, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што го потврди решението дека линеарното зголемување на пензиите се однесува само на корисниците што живеат во државата. Претходно, Државната комисија за спречување дискриминација одлучуваше по истото прашање и утврди дека има индиректна дискриминација, па побара Министерството за социјална политика да направи корекции, со што ќе се избришат измените со кои линеарното зголемувањето се однесува само на оние што живеат на територијата на Република Македонија. Веднаш по носењето на ова Мислење, од Министерството за социјална политика за „Слободен печат“ одговорија дека ја чекаат одлуката на Уставниот суд. По одлуката на Уставниот суд, повторно се обративме до Министерството за да прашаме дали ова значи дека овие 12.000 наши сограѓани ќе останат без какво било зголемување на пензиите, но оттаму со денови не добиваме одговор.
Од Комисијата за заштита од дискриминација велат дека нивната препорака е обврзувачка и дека Министерството треба да ги направи измените во рок од 180 дена откако ја донеле, но дека по новонастаната ситуација со одлуката на Уставниот суд, тие ќе заземат став.
Правниците што ги консултиравме, објаснуваат дека единствено што е можно е да се направат законски измени со кои во март нема да важи линеарното зголемување за нашите во странство, туку ќе важи вообичаеното законско усогласување што се прави секој март. Како втора можност е да нема законски измени, туку да се усвои законско толкување според кое ако линеарно зголемување важи за „сите видови пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија“, тогаш редовното важи за оние што ги добиваат во странство.
Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, двапати годишно се врши усогласувањето на пензиите – на први март и на први септември.
„Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 отсто“, пишува во Законот. Регулативата објаснува и дека за мартовското усогласување се земаат податоците од второто полугодие од претходната година, а за септемвриското, податоците од првото полугодие во истата година.
Законските измени што овозможија линеарно зголемување на пензиите гласат: „Сите видови пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година“.
Пензионерите што живеат во странство во септември останаа без линеарното зголемување, кое тогаш според пресметките изнесуваше 1.000 денари. Сега, надлежните сè уште не излегоа со пресметката колку ќе биде новото линеарно зголемување што за мартовската пензија ќе треба да се исплати во април.
Николовски: Пензиите се економска категорија, независно кој каде сега живее
Пензионерите не смеат да се делат по тоа каде живеат, затоа што каде било и да се, тие во својот работен век издвојувале пари и преку своите работодавачи уплаќале пари во овдешниот Пензиски фонд, вели Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери.
– Пензијата е економска, а не е социјална категорија. Не може за оние што тука работеле, тука уплаќале за пензија, да нема зголемување. Со тоа вредноста на нивната пензија практично се намалува. Таа не е индексирана ниту со процентот за инфлација, ниту пак го следи растот на платите. Ова е сериозен удар врз животниот стандард на тие наши пензионери – вели Николовски во изјава за „Слободен печат“.


