Кинотека: „Златен објектив“ за Коле Ангеловски и Зорка Тодорова-Младеновиќ

Актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се добитници на наградата „Златен објектив“ за 2020, одлучи Управниот одбор на Кинотеката на Северна Македонија. По повод својот роденден, Кинотеката секоја година доделува „Златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

На 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, да обработува, да чува, заштитува и да презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење. Оттаму „Златен објектив“ се доделува во овој период од годината, значаен за основањето на Кинотеката.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.

Коле Ангеловски

Никола Ангеловски – Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но на филм дебитира во 1962 година во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 година па сѐ до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје.

Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број на улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крвава свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ се само неколку од многуте филмови во кои се појавува Ангеловски.

Во 1973 година го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах, љубов моја“.

Зорка Тодорова-Младеновиќ

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 г., по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за тв-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“, итн.).

Во 1977 г. специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, кадешто се пензионира.

Автор е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на 200-тина историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.

Наградата на Ангеловски и Тодорова-Младеновиќ свечено ќе им биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид.

Во меѓувреме, по повод 30-годишнината од излегувањето на првиот број на „Кинопис“ – списание за историја, теорија и култура на филмот и други уметности, Кинотеката на својата веб-страница ги направи достапни за пошироката јавност и своите посетители сите досегашни броеви на списанието.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 29, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 1-3 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот