Кинотечна програма: Потсетување на „Американскиот пријател“ од Вим Вендерс

Како што истакнуваат од Кинотеката, „Американскиот пријател“ е еден од првите филмови на Вендерс во американскиот дел од неговата филмографија. Филмот „Американскиот пријател“ од 1977 година ќе биде прикажан на 16-ти и на 26 април, како дел од априлската програма на Кинотеката. Германскиот режисер со светска репутација Вим Вендерс го потпишува и сценариото заедно со Патриша Хајсмит, а улогите ги толкуваат Бруно Ганц, Денис Хопер и Лиза Кројцер.

Филмот е екранизација на романот „Играта на Рипли“ на Хајсмит, а приказната е за мајстор-изработувач на рамки за слики од Хамбург, кого го вплеткуваат во убиството на еден мафијаш. Вендерс за камео улогите на криминалците ги ангажира познатите режисери од американскиот независен „нов бран“ на авторскиот филм, Жерар Блен, Николас Реј и Семјуел Фулер.

По успехот со „Стравот на голманот од пенал“ од 1971 година, Вендерс добива покана од Френсис Форд Копола да работи во САД, каде што ги снима и „Молња над водата“ од 1980 година – портрет на неговиот филмски идол Николас Реј – и првиот негов глобален успех, „Париз, Тексас“ од 1984 година.

По враќањето во Германија, Вендерс го снима својот најуспешен филм, култниот „Небото над Берлин“ од 1987 година, за кој добива многу награди, меѓу кои и „Златна палма“ во Кан. Останатото е дел од една богата авторска биографија со близу 80 режисерски остварувања, а секако, дел и од европската и светската кинематографија, велат од Кинотеката.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 15 април 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот