Автомобили/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Кинеските автомобили: Шпиони на тркала?

Германските служби истражуваат дали кинеските автомобили собираат чувствителни податоци и претставуваат ризик за безбедноста, но резултатите од анализите остануваат тајни.

Современите автомобили, без разлика дали се електрични или со мотор на внатрешно согорување, денес претставуваат сложени дигитални системи. Опремени со сензори, камери, микрофони и постојана интернет‑конекција, тие собираат големи количества податоци за возењето, локацијата и околината. Затоа сè почесто се нарекуваат „паметни телефони на тркала“.

Сè поголема загриженост во германските служби

Во германските безбедносни институции и Бундесверот расте стравувањето дека модерните автомобили би можеле — дури и без знаење на корисниците — да се користат како  алатки за шпионажа.  Се стравува дека возилата можат да прибираат чувствителни информации кога се наоѓаат во близина на касарни, министерства, државни институции или стратешки компании.

Особено за кинеските модели веќе подолго време се води расправа за можни безбедносни ризици.

Паралелно со ова, германскиот канцелар  Фридрих Мерц  оваа недела е  во посета на Кина,  каде ќе се сретне со претседателот  Кси Џинпинг.  Кина е најважниот трговски партнер на  Германија,  а растот на кинеската индустрија за електрични автомобили силно ја притиска  германската автоиндустрија.  Додека продажбата на кинески возила во Европа брзо се зголемува, продажбата на германските брендови во Кина опаѓа.

Првите европски мерки и споредбите со Германија

Неколку европски земји веќе воведоа ограничувања. Во Велика Британија, на пример, е забрането приближување на кинески возила до чувствителни објекти, а припадниците на Министерството за одбрана не смеат да поврзуваат службени телефони и компјутери со вакви автомобили.

Во Полска, Министерството за одбрана најави забрана за кинески возила во определени воени зони.

Во Германија сè уште нема унифицирана државна регулатива, иако две клучни безбедносни институции работеле на проблемот уште пред повеќе од една година.

Тајни анализи на германските безбедносни служби

Според истражувањата на германските јавни сервиси ВДР и НДР, Сојузната служба за заштита на Уставниот поредок и Централната агенција за информатичка техника во безбедносниот сектор спровеле заеднички проект за анализирање кинески автомобили од повеќе производители.

Тие испитувале какви податоци собираат возилата, во кој обем и дали информациите се пренесуваат во странство.

Но резултатите — и оценката за ризик — остануваат класифицирани. Ни институциите ни Министерството за внатрешни работи не дадоа детали. Кина, пак, постојано негира дека нејзините возила можат да се користат за шпионажа.

Министерството за внатрешни работи соопшти само дека поради растечкиот удел на кинеските автомобили во Европа е неопходно континуирано следење на можните ризици, но без откривање на техничките детали.

Останува нејасно дали резултатите од анализата се споделени со други ресори и дали влијаат врз идни безбедносни политики.

Сензорите како потенцијална закана

Портпарол на Министерството за одбрана изјави дека сите сензорски системи во возило — камери, радари, микрофони и далечински управувачки мрежни модули — може да претставуваат закана за воената безбедност.

Затоа, доколку е потребно, може да се ограничува пристапот на одредени типови возила до чувствителни зони. Постојат и внатрешни правила за „забрана за пристап“ на конкретни модели.

Конкретни забрани: БНД и воени објекти

Според информации на ВДР и НДР, кинески автомобили не смеат да паркираат на главниот паркинг на Оперативната команда во Швиловзе кај Потсдам; сопствениците мора да користат одделено место. Истото важи и за објектите на Сојузната разузнавачка служба (БНД).

Во јануари, Павлина Узнанска од Центарот за источноевропски студии во Варшава предупреди европратеници дека современите автомобили имаат „огромен потенцијал“ за собирање чувствителни податоци — особено при поминување низ воени зони.

Таа наведе дека и во Кина постоеле неофицијални ограничувања за западни електрични автомобили, меѓу нив и Тесла, сè додека компанијата не ги поминала кинеските тестови за безбедност на податоци.

„Интелигентен автомобил“ како нова алатка за шпионажа

Израелскиот медиум „Хаарец“ објави дека неколку израелски компании на тајните служби им нудат технологии за прибирање и анализа на податоци од возила, познати како КАРИНТ („Car Intelligence“). Според извештајот, дигитализираните автомобили може да се хакираат, што овозможува екстракција и обработка на податоци од разни системи во возилото.

Извор: DW

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот