Кинеската компанија „Синохидро“ ќе продолжи да го гради автопатот Кичево-Охрид

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за Договорот за изградба на автопат А2, делница Кичево – Охрид. Од прес-службата на Влада соопштија дека ќе продолжи да се гради, како дел од европскиот Коридор 8. Иако премиерот Димитар Ковачевски во ноември најави дека е можно е раскинување на договорот со  „Синохидро“, кинеската компанија која го гради автопатот, сепак Владата на денешната седница одлучи да потпише нов анекс на договорот со изведувачот.

Владата ги овластила Кабинетот на заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот, за склучување анекс на договор, за продолжување рок за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот Кичево – Охрид. Истовремено, нагласуваат од Владата, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира.

-Одлуката е донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од Главен Надзор и Надзор на тунел, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат, а при тоа земајќи го предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања, велат од Владата.

Првичниот проект за автопатот Кичево – Охрид, како што е оценето, беше со бројни пропусти во проектирањето, но, како што се нагласува во соопштението од денешната владина седница, со фокус на Владата и надлежните институции кон важноста на делницата, во голем дел тие се надминати и како што е оценето, во континуитет се создаваат услови за негово завршување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот