Кинематограферот Јани-Петери Паси е добитник на „Златна камера 300“ на 42. ИФФК „Браќа Манаки“

Покрај сите препреки и предизвици со кои се соочи новоформираната екипа на ИФФК „Браќа Манаки“ предводена од директорот Мони Дамевски, сепак фестивалот успешно беше реализиран, а познати се и добитниците на наградите „Камера 300“.

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава се одржа од 16 до 21 септември во Битола. Во главната филмска програма имаше по десет краткометражни и долгометражни филмови селектирани од Даријан Пејовски и Слаѓан Пенев. Проекциите беа солидно посетени од битолската публика. Меѓународното жири имаше полни раце работа. Фестивалот имаше и офф-програма, која главно се одвиваше на широките сокаци низ Битола.

– Имавме извонредни натпреварувачки програми, одржавме три филмски работилници, имавме исклучителни шест прес-конференции, а неколку млади девојки и момчиња имаа можност да научат како да снимаат филм за првпат во животот, една група деца имаше можност да види интересен детски филм – рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Мони Дамевски, на церемонијата за доделување на наградите.

Добитниците на наградите ги соопштија членовите на жирито. Претседателот на жирито Суки Меденчевиќ од името на комисијата се заблагодари за гостопримството и за честа што им била дадена да ги изберат победниците на 42. ИФФК „Браќа Манаки“.

– Секогаш работата на жирито е тешка. Никој не вели дека е тоа лесна работа затоа што да се донесе таква одлука е навистина тешко, но истовремено претставуваше задоволство затоа што имавме можност да погледнеме исклучителни филмови и одлучувачки беа нијансите – рече Меденчевиќ.

Жоана Силва Фернандеж

Добитникот на наградата „Мала камера 300“ за краток филм го соопшти Соња Просенц.

– Чест ми е што ќе ѝ ја доделам наградата на една млада кинематограферка затоа што на повеќето во медиумскиот свет ни е јасно дека многу често на жените што се занимаваат со оваа професија повеќе шанси им се даваат кога станува збор за краткометражни филмови, додека потешките задачи често се резервирани за нашите колеги-мажи. Но, мило ми е што фестивалот „Браќа Манаки“ веќе открил и наградил повеќе кинематограферки и чест ми е што „Мала камера 300“ за краткометражен филм ѝ се доделува на Жоана Силва Фернандеж за филмот „Низ маглата“ за смелото, интуитивно, но истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување – рече Просенц.

Македонскиот член на жирито, Димо Попов, рече дека филмовите се одраз на реалноста во која живееме, во време кое е по малку чудно, по малку запрепастувачко, исто како и оние фотографии на браќата Манаки, кои ги гледаме кога влегуваме во антрето на киносалата. Чудна трансформација доживува реалноста додека поминува низ објективот, чудни бои, чудни форми и чудни приказни, додаде Попов.

Рубен Импенс

Со образложение „заради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил“, наградата „Бронзена камера 300“ ја доби кинематограферот Рубен Импенс за филмот „Титаниум“, кој беше прикажан по доделувањето на наградите.

Каспер Туксен

Филип Бергсон го објави добитникот на „Сребрена камера 300“, Каспер Туксен, за филмот „Најлошата личност на светот“, со образложение „за деликатната камера што не приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејзаж на Осло“.

Претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ, го соопшти добитникот на наградата „Златна камера 300“. За деликатниот и осетлив начин на кој камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север, жирито ја додели наградата „Златна камера 300“ на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“.

Јани-Петери Паси

Добитниците на наградите не беа присутни во Битола, но во своите видеопораки ветија дека тоа ќе го направат следната година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот