Кина забранува скриени рачки на вратите на електричните возила
Кина ги забрани скриените рачки на вратите на електричните возила (EV), станувајќи првата земја што ја запре употребата на контроверзниот дизајн популаризиран од мултимилијардерот Илон Маск со моделите на „Тесла“.
Препорачано
Според новите прописи што ќе стапат на сила на 1 јануари 2027 година, автомобилите ќе можат да се продаваат само ако имаат механички механизам за отклучување и од внатрешната и од надворешната страна на вратата, објавија кинеските државни медиуми. Прописите од кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија бараат надворешната страна на секоја врата од автомобилот, освен багажникот, да има вдлабната површина со димензии не помала од 6 см x 2 см x 2,5 см за да се овозможи пристап до рачката на вратата. Во автомобилот мора да има знаци со димензии од најмалку 1 см x 0,7 см што покажуваат како се отвора вратата, објави Би-би-си- пренесе Политика.
Автомобилите што веќе се одобрени од властите во Пекинг и се во последната фаза од влегувањето на кинескиот пазар, ќе имаат дополнителни две години за да ги ажурираат своите дизајни. Покрај „Тесла“, многу други производители на возила на алтернативна енергија (NEV) исто така користат скриени рачки на вратите, па новите прописи ќе имаат големо влијание врз пазарот во Кина, а веројатно и низ целиот свет.
Американските регулатори за безбедност веќе ги истражуваат рачките на вратите на возилата на „Тесла“, а властите во Европа исто така ги разгледуваат своите правила. Во ноември, Националната администрација за безбедност на сообраќајот на автопатиштата на САД (NHTSA) започна истрага по поплаките дека рачките на вратите на некои возила на „Тесла“ одеднаш престанале да работат. NHTSA соопшти дека добила девет поплаки за рачките на вратите во автомобилите Модел Y од 2021 година на „Тесла“, при што сопствениците во некои случаи морале да ги скршат прозорците за да излезат од возилото.


