Савана и Ненси Гатри / Фото: Инстаграм/Савана Гатри

„Вашата мајка е мртва, не беше намерно“: Киднаперите ѝ испратиле вознемирувачка порака на познатата водителка Гатри

Мистериозното исчезнување на Ненси Гатри (84), мајка на познатата американска водителка Савана Гатри, доби нов вознемирувачки пресврт, пишува Би-би-си.

Според истражителите, неколку дена по нејзиното киднапирање од домот во близина на Тусон, Аризона, семејството добило второ писмо од наводните киднапери во кое се тврдело дека Ненси починала.

Ова писмо било едно од двете што биле испратени до семејството и до медиумите по нејзиното исчезнување во јануари. Во првото писмо било побарано откупнина од повеќе милиони долари во биткоини за нејзино ослободување, додека во второто било наведено дека таа починала.

Според американските медиуми, во пораката наводните киднапери напишале дека не сакале таа да умре и упатиле извинување до семејството.

Од Канцеларијата на шерифот во округот Пима одбија да ја коментираат содржината на писмата, но потврдија дека истрагата сè уште трае.

„Продолжуваме тесно да соработуваме со ФБИ додека ги проверуваме сите траги, информации и околности поврзани со овој случај“, соопштија властите.

Ненси Гатри исчезнала на 31 јануари, откако роднини ја оставиле пред нејзиниот дом. Алармот бил вклучен следното утро кога не се појавила кај пријателка за заедничко следење на неделна црковна служба преку интернет.

Истражителите откриле дека првото писмо содржело многу прецизни детали за нејзиниот дом, спалната соба и околината, што укажувало дека авторот добро ја познавал локацијата.

Писмото било адресирано до Савана Гатри, која е една од водителките на утринската програма „Тудеј“ на американската телевизија Ен-би-си, а било испратено и до неколку медиуми.

Подоцна било откриено дека второто писмо, испратено на 6 февруари, било напишано во сличен стил како првото, но наместо барање за пари содржело извинување и тврдење дека смртта на Ненси била ненамерна.

По добивањето на пораките, Савана и нејзините браќа и сестри објавиле видео-апел до киднаперите.

„Ја добивме вашата порака и разбираме. Ве молиме вратете ни ја нашата мајка“, порача тогаш низ солзи водителката, додавајќи дека семејството е подготвено да плати.

Во текот на истрагата властите објавија и снимка од безбедносна камера на која се гледа маскирано лице пред домот на Ненси Гатри.

Семејството понуди награда од еден милион долари, а ФБИ дополнителни 100.000 долари за информации што би помогнале во нејзиното пронаоѓање.

Иако поминаа месеци од нејзиното исчезнување, Ненси Гатри сè уште не е пронајдена. Савана Гатри во февруари призна дека семејството не губи надеж, но е свесно дека нејзината мајка можеби веќе не е жива.

Поради потрагата и истрагата, водителката повеќе од два месеца беше отсутна од телевизиската програма, а на работа се врати дури на почетокот на април.

ВИДЕО | Савана Гатри го даде првото интервју по исчезнувањето на мајка ѝ: „Го замислувам ужасот низ кој поминува“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот