КФОР ја напушти општинската зграда во Звечане, смета дека состојбата е стабилизирана

КФОР / Фото: Архива

Мировната мисија на НАТО во Косово – КФОР објави денеска дека единиците од баталјонот на оперативните резервни сили на КФОР повеќе нема да бидат присутни во зградата на општина Звечан, јави дописникот на МИА од Приштина.

КФОР соопшти дека ова е резултат на стабилизираната состојба во оваа општина населена со српско мнозинство, каде што минатата година имаше протести на локалните Срби.

„Состојбата во општина Звечан е стабилизирана. Како резултат на тоа, единиците од баталјонот на оперативните резервни сили на мисијата предводена од НАТО – КФОР повеќе нема да бидат присутни во зградата на општината. Наместо тоа, тие ќе останат во областа и ќе спроведуваат редовни патроли за да обезбедат безбедна и сигурна средина за сите луѓе кои живеат во општина Звечан“, се вели во соопштението на КФОР.

И во оваа прилика мисијата на НАТО потсетува дека е „трета безбедносна инстанца за реагирање“ во Косово, по косовската полиција и Мисијата на Европската унија за владеење на правото – ЕУЛЕКС.

„КФОР продолжува да го спроведува својот мандат – врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година – да обезбеди безбедна средина за сите заедници кои живеат во Косово и слобода на движење, во секое време и непристрасно. КФОР е трета безбедносна инстанца за реагирање, по полицијата на Косово и Мисијата на ЕУ за владеење на правото – ЕУЛЕКС, со кои работиме во тесна координација“, се вели во соопштението.

Во Звечан, како и во трите други општини во северно Косово населени со мнозинство Срби – Северна Митровица, Зубин Поток и Лепосавиќ, во мај минатата година имаше протести поради влезот во општинските згради на градоначалниците Албанци, избрани со многу мал број гласови, откако Србите ги бојкотираа вонредните локални избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот