Ќе има ли реформи за Македонија да преговара со ЕУ?

Фото: МИА

Дали пораката на претседателот на Франција, Емануел Макрон, ќе го забрза процесот на реформите во Македонија? Има шест месеци до Самитот на Европската Унија во Загреб, а меѓу одлуката дали ќе добиеме старт на преговори со ЕУ, во земјава има и предвремени парламентарни избори, со што се отежнува процесот за реформите.

Законот за јавното обвинителство е еден од клучните за реформите. Но, напредок нема. Нема ниту најави за нови средби меѓу работните групи на власта и опозицијата. Министерството за правда и ВМРО – ДПМНЕ, заглавија во различно толкување на заклучоците од лидерската средба. Последно, министерката Рената Дескоска и пратеникот Антонијо Милошоски, кон крајот на септември, одржаа куса средба, по која рекоа дека прво ќе имаат внатрепартиски консултации. Тие заглавија на прашањето, што со предметите што ги водеше СЈО, а ги отвори по 30 јуни 2017 година.

Премиерот Зоран Заев од Женева на Светскиот економски форум порача дека е убеден во  светла иднина, бидејќи ЕУ испрати сигнал дека за регионот нема друга алтернатива освен интеграција во Унијата. Заев очекува Хрватска, откако ќе го преземе претседавањето со ЕУ во јануари догодина, да биде фокусирана кон регионот. Премиерот сега е оптимист дека на Самитот во Загреб во мај, Македонија ќе добие зелено светло за старт на преговорите со Европската Унија, а иста одлука очекува и за Албанија.

Политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, смета дека Македонија може да реализира реформи и избори, а во мај, ако лидерите на власта и опозицијата постигнат договор за Јавното обвинителство, може да има и датум за преговори со Европската Унија.

– Од реформите што ги бара Макрон единствено што е можно да се спроведе е законот за Јавно обвинителство, бидејќи зависи од политички консензус, а не од некаков процес во институциите. Меѓутоа, тоа и е најголемата забелешка. Мислам дека ако тоа успееме да го обезбедиме, Франција нема да биде кочничар за обезбедување на датумот за преговори. Пораката на Макрон не е целосно точна,  бидејќи Македонија во моментов е поподготвена за членство од сите земји кои преговараат – изјави Арсовски.

За обвинителското решение аналитичарот Владимир Божиновски, се сомнева дека политичките партии не сакаат да постигнат компромис. Тој вели дека власта не може да бара опозицијата да им го прифати предлог-законот, а опозицијата не може да очекува да им бидат прифатени сите амандмани. Периодот пред избори, според него, е идеален за реформите. Но, тој очекува реформи да има после избори.

– Несериозно би било да се очекува да се направат реформи со техничка влада. Прашање е сега колку и како ќе биде расположението во ЕУ и пред се во Франција, дали и покрај завршени реформи ќе имаме зелено светло. Не е сега работата само испорачај и ќе добиеш. Велика Британија треба да излезе од Унијата до крај на јануари, не се знае дали пак ќе се одложи брегзитот. Во моментот има регионални избори во Франција, зашто очигледно е дека Макрон својата перцепција ја базира и врз внатрешно поличките случувања во Франција – вели универзитетскиот професор и аналитичар Владимир Божиновски.

Според него, најголемиот проблем е што во договорот од Преспа нема клаузула дека ако се реализира ќе добиеме датум за преговори, со што сè останува во рацете на европските политичари.

– Да не се создава атмосфера дека во мај нешто ќе се реши. Никој не спомна дека во мај ќе добиеме датум за преговори. Реформите треба да течат.  Очигледно дека изборите ќе бидат тест и сигурно ќе бидат од големо значе за целата перцепција за Македонија. Ако има прекршувања, ќе добиеме негативна оценка – вели Божиновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот