Ќе им фрла ли Владата на граѓаните „пари од хеликоптер“?

Премиерот на СДСМ најави дека партијата го подготвува третиот сет економски мерки и дека тие се наменети за заживување на економијата. ТВ Алсат, пак, откри дека меѓу мерките е и директна парична помош на граѓаните, која може да биде и до 10.000 денари, со цел да се зголеми потрошувачката и тоа на производи и услуги од домашните компании. Секако, и овој пакет треба да биде разгледан од стопанствениците и од Владата за да се даде зелено светло на новите мерки.

Според информациите, за зголемување на приватната потрошувачка се планираат 300 милиони евра, а би имало некои ограничувања во однос на висината на приходите на граѓаните и од тоа би зависело кој и колку пари би можел да добие. А, покрај стимулацијата на приватната потрошувачка, предвиден е и раст на јавната потрошувачка преку актуализирање капитални проекти, и тоа не само за оние чија изградба била планирана сега, туку и за оние што се планирале за подоцна.

Пакетот мерки што го подготвува СДСМ сѐ уште не е потврден ниту обелоденет од владејачката партија, но заживувањето на економијата со директно вбризгување пари, не само кај фирмите, туку и кај населението, е модел што може да се очекува и што почнува сѐ повеќе да се користи во светот за да се ублажат последиците од здравствената криза.

Србија на секој полнолетен граѓанин ќе му дава по 100 евра. Според најавата на српскиот министер за финансии Синиша Мали, полнолетните граѓани ќе ги имаат парите на сметка најдоцна до 20 јуни.

– Не ви треба повеќе од една минута од вашиот ангажман. Постојат два начина на кои граѓаните можат да аплицираат – преку порталот на Управата за финансии или преку телефонскиот кол-центар. Во двата случаја оставате четири детали: име и презиме, ЕМБГ, број на лична карта и избор на банка каде што сакате да се изврши исплатата. Доколку немате сметка, кажете во која банка сакате да ја отворите и ние ќе ја отвориме и ќе направиме исплата од 100 евра – објасни министерот Мали.

Пари за директна помош на граѓаните има и во таканаречениот Мага-корона закон на Словенија „тежок“ 3 милијарди евра. Во Словенија , секој студент ќе добие по 150 евра, за семејствта со 3 деца помошта е 100 евра, за оние со повеќе од 3 деца – 150 евра, а за пензионерите, зависно од примањата, помошта е од 130 до 300 евра.

Америка од својот мега-буџет од 2.000 милијарди долари наменети за справување со последиците од коронавирусот – 250 милијарди долари издвои за директни плаќања на поединци и на семејства.

Во време на вакво „делење“ на пари, економистите ширум светот заборуваат за концептот „пари од хеликоптер“ кој првпат го понудил економистот Милтон Фридман во 1969 година. Според Фридман, централната банка секогаш може да задржи здрав раст на понудата на пари, бидејќи секогаш има на располагање можност да печати банкноти и да „фрла пари од хеликоптери за гладната економија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот