Каталонија постхумно помилува илјада жени обвинети за вештерство

Gertrude Abercrombie, The Stroll, 1943

Каталонскиот парламент усвои резолуција за помилување на 1.000 луѓе – повеќето жени – осудени за вештерство во регионот пред 400 години, пишува Гардијан.

Овој потег следи по слични гестови во Шкотска, Швајцарија и Норвешка, откако повеќе од 100 европски историчари потпишаа манифест со наслов: Тие не беа вештерки, тие беа жени.

Резолуцијата, која следи по кампањата во списанието за локална историја Сапиенс, беше поддржана од левичарските и националистичките партии во парламентот.

Коментирајќи го документарниот филм на ТВ3 насловен „Вештерки, големата лага“, каталонскиот претседател Пере Арагонес ги опиша ловот на вештерки како „институционализиран фемицид“.

Вештерството во Европа

Се проценува дека помеѓу 1580 и 1630 година, околу 50.000 луѓе биле осудени на смрт поради вештерство низ Европа, од кои околу 80% биле жени.

Додека ловот на вештерки беснееше низ северна Европа, во Шпанија, инквизицијата имаше доста работа за искоренување на ерес меѓу Евреите и муслиманите кои биле насилно преобратени во христијанството. Инквизицијата беше скептична во врска со наводите за вештерство.

Меѓутоа, Каталонија беше исклучок, а ловот на вештерки таму опстојувал до 18-ти век. Она што се смета дека е првиот европски закон против вештерството бил донесен во Леида во 1424 година.

Според Пау Кастел, професор по модерна историја на Универзитетот во Барселона, ловот на вештерки бил почест во Каталонија бидејќи руралните области биле под апсолутна власт на феудалците, а самото признание било доволен доказ за вината.

Тој додаде дека, парадоксално, во случаите кога била повикана инквизицијата, обвинетите често биле ослободувани поради недостиг на докази.

Вештерките честопати биле обвинувани за ненадејна смрт на деца или за природни катастрофи и слаба жетва, вели Кастел.

Според историчарот Нуриа Морело, осомничените често биле практичари на традиционалната медицина или жени со независни средства.

Не сакале да трошат дрво за да ги запалат, па ги беселе

За разлика од остатокот од Европа, вештерките во Каталонија биле обесени, а не запалени на клада, како во Шкотска. Кастел вели дека тие го одбрале овој начин бидејќи бил поевтин и не се трошело вредно огревно дрво.

Некои каталонски села ангажирале свои пронаоѓачи на вештерки. Една таква била Џоан Казабрујас во селото Салент, чии обвинувања довеле до бесење на 33 жени. Кога подоцна инквизицијата открила дека повеќето жени се невини, Казабрујас била запалена.

Ивет Еролес, авторка на книгата за вештерство во Каталонија, го цитира феминистичкиот слоган „ние сме внуки на вештерките што не можеа да ги запалат“, но вели дека „поточно, ние сме потомци на оние што ги убиле; ние сме наследниците на угнетувачите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот