Фото: Милица Џаровска / Принтскрин / Фејсбук

ФОТО | Кармен Костова се расплака на спектакуларниот концерт посветен за нејзиниот сопруг Кире Костов, ќерката Ана ги пееше песните од татко ѝ

Сопругата Кармен и едната ќерка Нина во публиката, другата ќерка Ана на сцената, најпознатите пејачи со голем оркестар ги пеат неговите хитови. Вака накусо изгледаше концертот во чест на легендарниот музичар, композтор, диригент и музички педагог Кире Костов насловен „Летај галебе“, вчера во Националната опера и балет.

Ретка привилегија е во иста вечер да се слушнат „Галебе мој тажен“, „Тајно моја“, „Кога те нема“, „Штом се сака“, „Илузија“, „Синот божји“, „Кој да ти каже“, „Твојте очи сине“ и многу други песни за кои поради неговата скромност публиката не знаела дека ги создал токму Кире Костов.

Фото: Милица Џаровска

На сцената настапија пејачи кои ги избра неговата сопруга Кармен Костова, љубовта на Кире од средношколските денови во Битола. Настапија: Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Биба Додева, Елена Ристеска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Јапонката Сигијама Кономи, секој со својот квалитет и специфичен вокал. Кога гостинката од Јапонија ја запеа „Кога те нема“ во публиката прво сите занемеа, а потоа се слушнаа силни овации и аплаузи. Таа живее во Скопје со сопругот кој е дипломат, а оди на чаови по пеење кај професорката Ана Костадиновска, ќерката на Кире Костов.

Токму Ана, заедно со Теа Богатинова и Стево Чепишевски ги пееше придружните вокали на песните кои се раѓале во нивниот дом.

-Кире бил скромен човек и знаел да рече: ‘Имам песничка како тоа да е нешто што го направил попат. А, тој всушност имал песниште. Ќе им се јавел на текстописците и ќе им речел: ‘Имам песна, ми треба текст денес’. А, на пејачите им велел дека снимаат утре“, рекоа Живкица Каленикова и Огнен Јанески кои ја водеа публиката низ животот на легендарниот композитор.

Фото: Принтскрин / Фејсбук

Кармен Костова, во еден разговор ни откри дека „Летај галебе“ е првично напишана за машки вокал. Сопругата на Кире Костов со љубов ја чува оригиналната снимка како композиторот прв ја пее оваа песна која подоцна станува една од најголемите песни во македонската музичка историја. Токму затоа, на нејзина желба, „Галебе“ ја испеа Влатко Лозаноски-Лозано.

Кармен и Кире имаат свои-негови песни кои сведочат за нивната љубов, која сношти беше прикажана на семејните слики, заедно со ќерките Ана и Нина, и внуките Елена и Марта. Тие биле неговите пет музи. Дел од богатството кое Кармен го чува се и оргиналните ноти и забелешки со ракописот на композиторот.

Фото: Принтскрин / Фејсбук

„Кире одлично сликал карикатури од неговите пријатели. Некои му се лутеле, а некои се смееле заедно со него. Она што малкумина го знаат дека бил одличен имитатор и забавувач, ги имитирал блиските. Во една прилика, големиот Шпато ѝ рекол на Кармен дека Кире најмногу ја сака музиката“, рекоа водителите.

За жал, на концертот не успеа да стаса Каролина Гочева.

„Таа многу сакаше да пее песна од нејзиниот чичко Кире, но не е во Скопје токму на овој ден. Не можевме никако да го одложиме концертот поради салата која е зафатена другите денови“, ни рече преходно Кармен Костова.

Од здравствени причини, не настапи и Ѓоко Танески, кој дошол во Скопје од Охрид, но не можел да пее, како што ни рече Ана Костадиновска.

Фото: Принтскрин / Фејсбук

Уште еден емотивен момент на концертот за кој долго ќе се зборува и ќе се споделуваат видеа од него е појавувањето на Љупчо Мирковски како диригент. Тој беше голем пријател со Кире Костов. Токму неговиот син, пијанистот Бобан Мирковски ја отсвире „Галбе мој тажен“ со која почна настанот кој го режираше Дејан Пројковски. Со оркестарот диригираше Сашо Татарчевски, а концертот го организираше „Баги коуникации“.

Фото: Милица Џаровска

Кармен Костова со насолзени очи доби силен аплауз од публиката пред која се поклони на крајот од настанот, зашто како што рекоа Живкица Каленикова и Огнен Јанески, таа поместила планини за концертот да се одржи. Минатиот месец излезе во печат монографијата „Летај низ солзи мој галебе мој тажен“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски.

Кире Костов кој напишал околи 700 композиции, почина во Скопје на 27 јули во 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот