Локални избори 2025 / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Кандидатите за градоначалник го трчаат вториот круг

За вториот круг не е потребен цензус, а победник е кандидатот кој освоил поголем број гласови од излезените гласачи. Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.

Граѓаните на Македонија гласаат за градоначалници во вториот круг на осмите локални избори од осамостојувањето. Право на глас во вториот круг имаат 1.013.375 избирачи кои гласаат на 1.771 избирачко место во 32 општини и во Градот Скопје.

Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и за Градот Скопје, а во 44 општини градоначалниците го добија мнозинството гласови и веќе им се врачени решенијата за преземање на новите функции.

Прегласување има за членови на Совет на три избирачки места во Општината Шуто Оризари поради утврдени нерегуларности на гласањето во првиот круг на 19 октомври. Во општините каде што се одржува вториот круг за градоначалници, први гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор, чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии. Според информациите на Државната изборна комисија (ДИК), за вториот круг од локалните избори пријавени се 4.826 болни и изнемоштени лица.

Во Македонски Брод и Могила само по еден кандидат

Во Градот Скопје право на глас имаат 474. 304 гласачи.
Во скопската општина Карпош со право на глас се 56.856 избирачи. Во Аеродором, во вториот круг може да гласаат 68.772 избирачи, а во скопски Центар – 44.109 избирачи. Во Шуто Оризари, според Избирачки список, гласаат 23.893 избирачи.

Втор круг на гласање на 2 ноември ќе има и во Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебрца и Демир Капија. За градоначалник гласаат и во Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, како и во општините Лозово и во Македонска Каменица.

Гласање има и во Македонски Брод и Могила, иако во тие општини има само по еден кандидат, зашто претходно од изборната трка се повлекоа двајцата противкандидати. И покрај тоа, за двете општини, како што информира ДИК, се печатеа избирачки ливчиња и постапката продолжи, односно гласање ќе има. Градоначалник избираат и во Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново Облешево и во Чучер-Сандево.

Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово нема да се гласа, бидејќи во првиот круг од локалните избори не беше постигнат потребниот цензус од 33,3 отсто. Во четирите општини ќе има нова постапка за избор на градоначалници, која ќе почне по завршувањето на локалните избори, односно по објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025.

Гласањето почнува во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, ќе биде продолжено за онолку време колку што траел прекинот, но не повеќе од три часа. Гласачките места се затвораат во 19 часот. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа пред затворањето на гласачките кутии ќе им се овозможи да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19 часот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија, но нема да се почне со броење на гласовите пред 19 часот.

Постапката за гласање останува иста, почнувајќи од личната идентификација на гласачите, употребата на биометриските апарати, земањето на избирачките ливчиња и тајното гласање. Во 32 општини ќе има по едно гласачко ливче за градоначалник, додека за Град Скопје ќе се гласа за градоначалник, а во скопските општини во кои не беше избран градоначалник во првиот круг ќе има две ливчиња – за избор на градоначалник на Град Скопје и за градоначалник на конкретната скопска општина.

Резултатите – околу полноќ

Резултатите од вториот круг на изборите се очекуваат в недела, околу полноќ. За избор на градоначалник во вториот круг не е потребен цензус, односно мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Победник е кандидатот кој освоил поголем број гласови од излезените гласачи. Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.

Вкупниот буџет на Државната изборна комисија (ДИК) за локалните избори е околу 10 милиони евра. Повеќе од две третини од овие пари се предвидени за платено политичко рекламирање, а помалку од една третина е за сите други изборни дејствија.

Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во ДИК, локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично за овие избори е што дијаспората не може да гласа, односно правото на глас државјаните на Македонија може да го искористат само ако допатуваат во земјава.

Изборите ќе ги следат 1.598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.

Локалните избори во Македонија традиционално се одржуваат во октомври, на секои четири години. Првите биле организирани во 1996 година, а последните во 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот