Фото: Принтскрин

Канализацијата во Злокуќани е пробиена и се чисти депонијата, тврдат од Карпош

Општина Карпош знае за случајот со затнување на дел од канализациската мрежа на улица Скупи 20 во населбата Злокуќани и, како што тврдат оттаму, интервенирале уште пред неколку дена. Општинските служби работеле и на чистење на депонијата.

Минатиот петок службите за одржување на јавната хигиена од Општина Карпош со сопствена механизација веднаш излегоа на терен, при што направија пробивање и чистење на канализацијата. Екипата од Општина Карпош во неколку наврати ја чистеше дивата депонија на таа локација и во текот на денешниот ден општинските служби ќе реализираат дополнително чистење на депонијата и ќе ги преземат потребните интервенции и активности за пробивање на канализацијата – велат од Општината како одговор на прашањето дали преземаат нешто во врска со овој проблем.

Уште пред две недели „Слободен печат“ објави дека на просторот после Градежниот институт којшто е заштитено зеленило, поради несовесното одлагање на секаков шут, вклучително и градежен, секоја година, покрај отпадот штетен за здравјето, граѓаните се соочуваат и со поголем еколошки проблем кога поради затнувањето на дел од канализацијата  доаѓа до излевање на фекалиите на дваесетина метри од куќите, на самата улица.

ВИДЕО: Дива депонија затна канализација во Злокуќани, фекалии се излеваат близу до куќите

Во пријавата до Општината жителите се пожалиле дека досега повеќепати е краден бетонскиот капак од тамошната шахта, како и од останатите долж линијата, со цел да се извади и препродава арматурата, по што самите жители на своја сметка поставиле нов, но минатото лето, багерите на градежната фирма, расчистувајќи го градежниот шут, ја нагазиле шахтата. Бетонскиот капак се скршил, пропаднал и ја затнал канализацијата, што предизвикало излевање од шахтата покрај куќите на улица и оформување бара од фекалии на простор од стотина метри квадратни. И тогаш, како и претходно, жителите веднаш реагирале и ги повикале службите на ЈП „Водовод и канализација“ да ја одзатнат канализацијата. Но после половина година повторно се случил истиот проблем.

Поради тоа тие од Општината побараа итно решавање на проблемот со канализацијата и чистење на депонијата.

ФОТО | Диви депонии го загадуваат Злокуќани, жителите алармираат, Општина Карпош молчи

Од Карпош објаснуваат дека комунален инспектор и инспектор за животна средина со години го следат овој дел кој е една од критичните точки во Злокуќани преку дежурства и редовни инспекциски надзори. Како што тврдат, во изминатиот период се изречени казни на физички лица и опомени на правни лица за кои има индиции дека би можеле несоодветно да одлагаат отпад.

Најчесто станува збор за малолетни сторители или лица кои немаат лични карти заради што не сме во можност целосно да постапиме во водење на инспекциската постапка. Инспекциските служби постапуваат доколку на лице место ги фатат сторителите и во тој случај постапуваат, но во спротивно не е можно да се води постапка за непознат сторител. Службите за чистење на Општина Карпош го чистат овој дел од УЗ Злокуќани заради специфичноста на локацијата а во неколку наврати тоа се прави и заедно во соработка со службите на Град Скопје, ЈП „Комунална Хигиена“ -Скопје и тоа со задолжителна координација со Полициска Станица – Карпош,  велат од Општината и додаваат дека ќе продолжат со зачестени контроли во овој дел на Злокуќани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот