ФОТО | Диви депонии го загадуваат Злокуќани, жителите алармираат, Општина Карпош молчи
До нива на која растат зелки постои огромна дива депонија покрај која води патот кон гробиштата на Зајчев рид. Жителите велат, дека кога ќе се преполни со ѓубре, некој ја пали за да подизгори отпадот и да може да се фрла уште ѓубре. И така веќе 15 години.
Дивите депонии и понатаму се едни од грдите „заштитни“ знаци на Скопје иако постојано локалните власти и комуналното претпријатие информираат дека ги чистат.
Препорачано
На почетокот на минатата година поранешната градоначалничка Данела Арсовска соопшти дека биле исчистени повеќе од 300 диви депонии, а актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на функцијата организираше 72-часовна акција во која ги мобилизираше сите расположливи капацитети за да го исчистат градот.
Но, очигледно со акцијата не биле опфатени и дивите депонии затоа што тие и понатаму си стојат нечепнати, особено во попериферните населби во градот, но огромни сметишта има и онаму каде никако не би требало да бидат, како на пример на падините на Водно.

Неодамна жители од Злокуќани ја повикаа Општина Карпош да се погрижи за чистење на депонијата формирана на улицата Скупи во близина на објектот на Градежен институт и се пожалија дека некој го искршил капакот од шахтата и дека насобраното ѓубре ја затнува канализационата цевка, па фекалии се разлеваат во близина на куќите.
На несовесните граѓани не им било доволно фрлање отпад од своите домови, туку и се погрижиле да го поместат капакот од шахтата за да фрлаат ѓубре и внатре, со што повторно има затнување и излевање од шахта, формирање нова бара и можност за излевање фекалии во куќите преку одводот – пријавиле тие во Општина Карпош.
ВИДЕО: Дива депонија затна канализација во Злокуќани, фекалии се излеваат близу до куќите
Деновиве до редакцијата на „Слободен печат“ реагираа од Злокуќани за уште една депонија во нивната населба лоцирана во близина на гробиштата на Зајчев рид.
Депонија стара 15 години до ниви од кои зелка јадеме и која ја палат кога сакаат да фрлаат уште ѓубре. Притоа, ова е улицата по која луѓето поминуваат со автомобили за да стигнат до гробиштата – велат жители на Злокуќани кои испратија повеќе фотографии за долгогодишната состојба на овој простор.

Дали Општина Карпош ќе преземе нешто за чистење на овие две депонии или доколку тоа не е во нејзина надлежност дали барем ќе ги алармира комуналците да го соберат ѓубрето не е познато. Оттаму, како и многупати досега во изминатите неколку месеци нема одговор на нашите прашања.
Притоа, неодамна токму од оваа Општина се пофалија дека започнале да го чистат ѓубриштето преполно со шут и кабаст отпад во близина на СЦ „Борис Трајковски“. Карпошани со години укажуваа на постоењето на ова депонија, но и покрај тоа што досега неколкупати се чистеше, очигледно не се најде начин да се спречи повторување на оваа грда состојба.

Сега од Карпош најавија засилен инспекциски надзор на оваа локација, но и поставување рампа за да не можат да влегуваат камиончиња и да истураат шут и друго ѓубре.
Инспекторатот од Општина Карпош будно ќе следи и превенира случаи на несовесно фрлање на отпад и истите ќе ги казнува согласно своите надлежности и законски прописи на целата територија на општина Карпош – соопштија од локалната администрација.

Колку ќе потрае ова ќе се види за неколку месеци.
И не се само овие депонии и не се само во оваа општина. По социјалните мрежи граѓани од сите делови на Скопје укажуваат на постоење на помали или поголеми, на стари или новосоздадени депонии и апелираат до локалните власти и инспекциите да ги исчистат и да го спречат загадувањето кое се шири од нив. Но исто така бараат инспекторите да се ангажираат сериозно и да ги казнуваат сторителите, особено оние кои со камиончиња истураат шут и друг отпад на недозволени локации.


