Злокуќани депонија/ Фото:Принтскрин

ВИДЕО: Дива депонија затна канализација во Злокуќани, фекалии се излеваат близу до куќите

На улица Скупи 20 во Злокуќани, на просторот после Градежниот институт којшто е заштитено зеленило, поради несовесното одлагање на секаков шут, вклучително и градежен, секоја година покрај отпадот штетен по здравје граѓаните се соочуваат и со пострашна еколошка катастрофа – поради затнувањето на канализациската одводна линија  доаѓа до излевање на фекалиите и создавање бара од фекалии на дваесетина метри од куќите, на самата улица.

За ова, како што информираат од „Независни за Карпош“ веќе е пријавено во Општината, од каде што се бара општинскиот Инспекторат да реагира најбрзо што може.

Како што се наведува во пријавата, досега во повеќе наврати е краден бетонскиот капак од тамошната шахта, како и од останатите долж линијата, со цел да се извади и препродава арматурата, по што самите жители на своја сметка поставиле нов, но минатото лето, багерите на градежна фирма, расчистувајќи го градежниот шут, ја нагазиле шахтата.

Притоа, бетонскиот капак се скршил, пропаднал и ја затнал канализацијата, што предизвикало излевање на шахтата покрај куќите на самата улица и оформување бара од фекалии на простор од стотина метри квадратни. И тогаш, како и претходно, жителите веднаш реагирале и ги повикале службите на ЈП „Водовод и канализација“ да ја одзатнат канализацијата. Но после половина година повторно се случил истиот проблем.

На несовесни граѓани не им било доволно фрлање отпад од своите домови, туку и се погрижиле да го поместат капакот од шахтата за да фрлаат ѓубре и внатре, со што повторно денес има затнување и излевање од шахта, формирање нова бара и можност за излевање фекалии во куќите преку одводот – се вели во пријавата до Општина Карпош.

Жителите велат дека доколку се излезе на терен лесно можат да се утврдат, ако не сите, барем дел од сторителите.

Самиот Градежен институт има камери за набљудување, како и фабриката „Бас Тути Фрути“, кои можат да помогнат во изнаоѓање на сторителите. Покрај тоа, во купиштата ѓубре можат да се најдат количества документи од фирми кои се ослободувале од својот отпад. Па така може да се најдат документи од фирми како „Моцарт Бет“, „Перпетуммобиле“, „Паком“ и сл – посочуваат жителите.

Тие ги потсетуваат надлежните дека минатата година се случи немил настан во кој куќи на жители од ромското маало беа опожарени и Општината им помогна финансиски давајќи им субвенции за реконструкција на изгорените домови.

Но тоа не значи, и не им даде за право шутот од изгорените домови, вклучително и греди од самите опожарени кровови да ги исфрлат тука во заштитениот зелен појас. Обраќањето е со надеж и цел дека во најскоро време ќе бидат преземени мерки во полза на околината и граѓаните – се вели во пријавата.

На потег е Општина Карпош и нејзиниот инспекторат кои треба да организираат расчистување на дивата депонија, одзатнување на канализациска линија предизвикана токму од депонијата, но и кривично гонење на сторителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот