Камерниот оркестар на Факултетот за музичка уметност ќе одржи концерт во НУ Филхармонија
Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира концерт на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, кој се реализира во рамки на одбележувањето на 60-годишнината од основањето на оваа високообразовна музичка установа.
Препорачано
Концертот ќе се одржи на 22 април, во 20 часот, во Камерната сала на НУ Филхармонија под диригентската палка на проф. м-р Сашо Татарчевски, и со поддршка и покровителство од Претседателката на РС Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, и Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Како солист на пијано ќе настапи младата пијанистка Аница Нелоска, студентка во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска, која ќе го изведе Концертот бр. 3, BWV 1054 од Ј. С. Бах.
Програмата на концертот опфаќа дела од Х. Персел, Н. Јомели, Л. В. Бетовен, А. Скрјабин, Ј. Сибелиус и Сергеј Прокофјев, претставувајќи разновиден музички репертоар од барокот до 20-иот век.
Настанот претставува значаен сегмент од концертната дејност на Факултетот за музичка уметност, насочен кон афирмација на младите музички уметници.
Концертот е со бесплатен влез и претставува можност за пошироката јавност да ужива во висококвалитетни изведби на млади и перспективни музичари.


