„Камбекот“ на Курц и Керн меѓу анкетите и политичката реалност во Австрија
Aнкетите повторно ги отвораат шпекулациите за враќање на поранешни лидери во австриската политика, но реалните ефекти од таквите рокади се ограничени. И кај СПО и кај ОВП проблемот не е само во личностите, туку во ослабената доверба, економските притисоци и структурната криза на партиите. Без подлабоки политички промени, враќањето на старите имиња тешко може да донесе траен пресврт.
Австриските медиуми повторно ги разгоруваат политичките шпекулации во Австрија. Идејата за можно враќање на поранешни канцелари и поранешни партиски лидери повторно се наметна како тема, но зад површината на бројките стојат сериозни сомнежи, внатрепартиски тензии и ограничени шанси за брз политички пресврт. Ниту со влегувањето во новата година не доаѓа до промена во расположението на гласачите, а владејачките партии и натаму заостануваат далеку зад Слободарската партија (ФПО). Прашањето не е само кој би можел да се врати, туку и дали таквото враќање навистина би донело суштинска промена.
Препорачано
Анкети, имиња и внатрепартиски калкулации
Според една актуелната анкета објавена од Австриските медиуми, Народната партија (ОВП) и Социјалдемократската партија (СПО) и натаму се далеку од тоа да ја стигнат Слободарската партија (ФПО). Сепак, истражувањето не се задржа само на рејтинзите, туку ја тестираше и поддршката за потенцијални алтернативни лидери, што ја разгоре политичката дебата.
Кај Народната партија ефектот од евентуалното враќање на Себастијан Курц е минимален. Разликата од два процентни поени е статистички речиси безначајна, што укажува дека носталгијата по некогашниот политички подем не се претвора автоматски во поширока поддршка.
За социјалдемократите, бројките изгледаат поимпресивно. Анкетата сугерира дека со Кристијан Керн на чело, партијата би можела значително да го подобри резултатот во споредба со актуелниот лидер Андреас Баблер. Ова веднаш отвори дебати околу претстојниот партиски конгрес и можноста за смена на раководството. Иако официјално Баблер е единствениот кандидат, статутарно постои простор за дополнителна номинација доколку се обезбеди мнозинство во партиските тела.
Истовремено, медиумскиот притисок врз Баблер не е нов. Одредени медиуми со месеци водат остра кампања против него, што неговите поддржувачи го поврзуваат со неговите најави за построга и потранспарентна политика за државно рекламирање. Во таков контекст, анкетите не се само мерка за јавното мислење, туку и инструмент во пошироката политичка борба. Сепак, реалноста е дека Баблер има силна опозиција и во сопствените редови, што ја прави неговата позиција кревка.
Ризици од враќање и ограничени ефекти
Идејата за враќање на Кристијан Керн носи сериозни ризици. Иако анкетите му даваат предност, неговата поддршка во клучни партиски структури, особено во Виена, е ограничена. Старите конфликти, поддршката за Ханс Петер Доскоцил и начинот на кој ја напушти партиската сцена во 2018 година и натаму оставаат горчлив вкус. За многумина, тој замина прерано и без јасен план за наследство, што го наруши кредибилитетот на неговата долгорочна визија.
Покрај тоа, тајмингот е клучен. Владејачките партии се соочуваат со финансиски притисоци, најави за нови заштеди и бавно економско заздравување. Во такви услови, секој нов лидер би бил изложен на истите ограничувања и незадоволство кај граѓаните. Политичките аналитичари предупредуваат дека ефектот на личноста често се преценува. Проблемот не е само во имињата, туку во ослабениот идентитет и доверба кон големите партии.
Истото важи и за Народната партија. Себастијан Курц повеќе не е симболот на политичкиот подем од 2017 година. Судските постапки, сенката од корупциските афери и одговорноста за политиките за време на пандемијата го менуваат начинот на кој гласачите го перцепираат. Дури и меѓу неговите поранешни поддржувачи постои поделба, што го прави евентуалното враќање неизвесно и ризично.
На крајот, анкетите покажуваат дека длабоките трендови не се менуваат лесно. Без оглед на тоа кој ќе застане на чело, Народната партија и социјалдемократите се соочуваат со структурни слабости и недоверба кај гласачите. Враќањето на старите имиња може краткорочно да ја раздвижи сцената, но без суштинска промена на политиките и визијата, тоа тешко дека ќе донесе траен пресврт.


