Камбаните повикуваа за спас на Вратничка Река

Фото: Вратница/Фејсбук

Жителите на селото Вратница, сместено под Шар Планина, во изминатиот викенд со откривање споменик му оддадоа почит на нивниот соселанец, кој пред една година почина на барикадите против изградба на две мали хидроцентрали на Вратничка Река, која меѓу месното население позната како река Раќита.

Од 2013 до 2019 година жителите и иселениците од овој крај се спротивставуваа на изградбата на хидроцентрали на Вратничка Река, пишува во посветата на споменикот. „Во таа борба згасна животот на Душко Златевски Шаро за да може Раќита да тече, и кога е мирна и бистра, и кога е бујна и матна“, порачаа неговите соседи и пријатели, кои заедно со него ја бранеа реката. „Твојот пример нека служи како патоказ за идните генерации, не беше залудно!“

Вратничани осум години водат битка за реката. Тие решија да се спротивстават на одлуката на државните институции да бидат доделени две концесии за изградба на мали хидроцентрали на Вратничка Река, а притоа месното население воопшто да не биде консултирано. Соочени со опасноста засекогаш да им биде уништен главниот извор на вода за пиење, жителите на Вратница и на околните села Орешје и Старо Село, заедно со нивните иселеници во странство, формирале Координативен одбор кој со години се обидуваше низ правните лавиринти да го одбрани своето право на вода и на чиста и здрава животна средина.

Но, иако за нивниот отпор биле информирани и државните органи, како и странските амбасади, од 2014 до 2019 година дури трипати од концесионерот „Норд енерџи груп“ била испраќана тешка механизација во селото за да почне изградбата на хидроцентралите.

„Бевме организирани така што на првиот сигнал дека доаѓа механизацијата биеја селските камбани, кои ги повикуваа луѓето од трите села да дојдат и да ја бранат реката“, раскажуваат жителите на Вратница.

При последниот обид на багерите да почнат со копање, лани, на 18 ноември, излегол и Златевски, но притисокот и стресот биле фатални за него и тој починал на самите барикади. Оттогаш на терен нема никакви активности за изградба на хидроцентрали на Вратничка Река.

Шарските води да течат како што течеле од искон до денес

„Малите хидроцентрали се најстрашното нешто што можеше да ѝ се направи на Шар Планина“, велат вратничани, кога ги прашавме каков е нивниот став за тоа дека идното прогласување националниот парк и натаму ќе овозможи да се изградат планираните хидроцентрали на последните чисти планински реки.

Тие очекуваат да биде преиспитана таквата одлука што би значело конечно шарските води да бидат оставени да течат како што течеле од искон до денес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот