Калас: Дваесет и шест членки на ЕУ го поддржуваат формирањето на специјален трибунал за Украина
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, синоќа објави дека 26 земји членки на ЕУ ја потврдиле својата подготвеност да учествуваат во формирањето на специјален трибунал за кривично дело агресија против Украина.
Препорачано
Калас, по состанокот со европските министри за надворешни работи, изјави дека за формирањето на специјалниот суд ќе бидат издвоени 10 милиони евра, според соопштението од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), јавува украинскиот портал Украински новини.
Брисел моментално чека финансиска проценка на трошоците, вклучително и извештај од Холандија, по што ќе продолжи работата на проектот.
Предлогот за формирање на специјалниот суд го поднесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во ноември 2022 година, со цел да се покренат постапки против врвни руски функционери за нападот врз Украина.
Трибуналот треба да се формира во рамките на Советот на Европа, од кој Русија се повлече истата година.
Договорот за формирање на Специјалниот трибунал за кривично дело агресија го потпишаа на 25 јуни украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Се очекува Трибуналот да покрене постапка против околу 20 високи функционери на Руската Федерација.
За разлика од Меѓународниот кривичен суд, кој издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин на 17 март 2023 година, Специјалниот трибунал предвидува можност за судења во отсуство.
Сепак, сè додека Путин е претседател, според статутот на судот, тој не може да биде гонет дури ни во отсуство, бидејќи шефовите на држави, владите и министрите за надворешни работи уживаат имунитет.
Официјална Москва претходно изјави дека не ја признава легитимноста на таков суд.


