Како загревање за „Синедејс“ ќе се одржи Европско патувачко кино под отворено небо

Проекции на отворено ќе се одржат во Тетово, Крушево и во Гевгелија

Почнувајќи од 14 јуни, Европското патувачко кино под отворено небо по четврти пат ќе прикажува наградувани и возбудливи европски филмови за публиката ширум земјата, овојпат со проекции на отворено во Тетово, Крушево и во Гевгелија.

Европското патувачко кино под отворено небо, како загревање за „Синедејс“, секоја година патува во три различни градови ширум земјата и прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика.

Годинава, проекциите почнуваат во Тетово, на 14 и 15 јуни, на платото пред „Јуроп хаус Тетово“ (Дом на културата), а потоа ќе продолжат во Крушево, на 21 и 22 јуни пред споменикот „Македониум“, и во Гевгелија, на 28 и 29 јуни на платото пред Домот на културата.

И оваа година Европското патувачко кино носи нови европски долгометражни филмови – повеќето од нив добитници на престижни филмски награди ширум светот, кои се израз на европската креативност и разноликост и нудат по нешто за сечиј вкус, како и македонски кратки филмови, исто така прикажувани и наградувани на различни филмски фестивали.

Новина оваа година е што Европското патувачко кино под отворено небо во сите три градови ќе го прикаже музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен, кој премиерно беше прикажан на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX“ во Копенхаген, Данска, воодушевувајќи ја публиката и критиката, а кој претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност, по што ќе следуваат концерти на неколку домашни бендови.

Во Тетово, на 14 јуни, прво ќе биде прикажан краткиот македонски филм „Сценариото“ во режија на Александра Кардалевска, по што ќе следи проекцијата на „Ефтеркланд: Македониум бенд“ и концерт на бендот „Stoned hedge“ од Тетово. Во сабота, на 15 јуни, вечерта ќе започне со филмот „Стариот даб“ во режија на Кен Лоуч, по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар, и Артан Садику, активист и теоретичар, по што ќе биде прикажан краткометражниот филм „Еден тон сладолед“ во режија на Сандра Ѓорѓиевска.

Програмата во Крушево започнува на 21 јуни на плато пред споменикот „Македониум“ со проекција на краткиот филм „Дали си маж“ во режија на Ѓорче Ставрески, по што ќе следи проекција на „Ефтеркланд: Македониум бенд“. Вечерта ќе заврши со концерт на бендот „The local blue“ од Скопје. На 22 јуни ќе биде прикажан филмот „Злосторството е мое“ на Франсоа Озон, по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар, и Ана Алексовска, продуцентка и режисерка, а потоа на репертоарот е краткиот филм „Тик-так“ во режија на Јане Алтипармаков.

Европското патувачко кино во Гевгелија ќе почне на 28 јуни, со проекција на краткиот филм „Кутии“ во режија на Ангела Димеска, по што ќе следи филмот „Ефтеркланд: Македониум бенд“ и концерт на бендот „Дактили“ од Струмица. На 29 јуни ќе биде прикажан филмот „Паднати лисја“ во режија на Аки Каурисмаки, по што ќе следи разговор со филмските критичари Златко Ѓелески и Влатко Галевски, а на крајот ќе има проекција на филмот „Имиња“ во режија на Јане Спасиќ. Сите проекции започнуваат во 20.30 часот, а влезот е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот